Франција и Мексико обезбедија пласман во осминафиналето на Светското првенство откако во првата нокаут рунда на Мундијалот славеа против репрезентациите на Шведска, односно Еквадор.
Во осминафиналето Франција ќе игра против Парагвај, а Мексико против победникот од мечот Англија-ДР Конго.
Репрезентацијата на Франција убедливо со 3:0 ја совлада Шведска на Метлајф стадионот во Њу Џерси. Јунак на победата беше Килијан Мбапе со два гола, додека Бредли Баркола додаде еден во меч кој Французите целосно го контролираа од почеток до крај.
Подобрата игра од стартот и се исплатеше на Франција во 45. минута. Дембеле го проигра Мбапе, кој се ослободи од дефанзивците на Шведска и со силен удар го доведе својот тим во водство. Сепак, Шведска можеше да израмни во судиското надополнување на првото полувреме, но Страуд од добра позиција шутираше над голот.
По мирениот старт на вториот дел, Франција го удвои водството во 53. минута. Тоа беше едноставна акција низ средината на теренот: Чуамени го пронајде Олисе, кој со одлична топка го исфрли Баркола во просторот, а Баркола мирно погоди за 2:0.
Прашањето на победникот беше решено во 74. минута. Олисе испрати одлична топка зад шведската одбрана, налета Мбапе и со прецизен удар во спротивниот агол ги постави конечните 3:0.
Селекторот на „Триколорите“, Дидие Дешамп верува дека победата можеше да биде поубедлива бидејќи неговиот тим пропуштил голем број добри шанси во првото полувреме.
„Направивме што требаше, иако бевме малку воздржани во првите 15 минути. После тоа, покажавме колку можеме да создаваме шанси. Единственото нешто за кое можеме да жалиме е што не бевме доволно ефикасни во првото полувреме. Можевме порано да го решиме прашањето за победникот, но толку многу ги исцрпувавме што ни беше полесно по паузата“, рече тој
Дешамп изрази задоволство што неговиот тим ја помина првата пречка во нокаут фазата без поголеми тешкотии, но предупреди дека ги очекуваат многу потешки предизвици.
И покрај тоа што Франција дополнително го потврди својот статус како еден од главните фаворити на турнирот, Дешамп рече дека нема место за еуфорија.
Репрезентацијата на Мексико го победи Еквадор со 2:0 и се пласираше во осминафиналето на Светското првенство благодарение на головите на Џулијан Кинонес и Раул Хименез. Заедно со одличната игра на Мексиканците на домашен терен, натпреварот го одбележа и еден час доцнење поради невреме со грмотевици.
Непосредно пред почетокот, ФИФА размислуваше да ги откаже паузите за хидратација за да го надомести изгубеното време, но таа идеја на крајот беше напуштена.
Мексико го реши натпреварот во првото полувреме. По одличната транзиција, Кинонес ја прими топката на својата половина, истрча четириесетина метри и го погоди горниот агол за водство во 22. минута.
Мексиканците го удвоија водството во 31. минута. Откако ја освоија топката во опасната зона, Хименез и Кинонес одиграа двојно додавање, а Хименез со разорен удар зголеми на 2:0. Тој резултат остана до крајот на натпреварот.
На мечот против Еквадор, селекторот на Мексико Хавиер Агире во стартниот состав го имаше тинејџерот Гилберто Мора. Фудбалскиот вундеркид со само 17 години и 259 денови стана вториот најмлад фудбалер во историјата на Светските првенства кој заиграл од самиот старт на меч од нокаут фазата.
Пред Мора останува само легендарниот Бразилец Пеле. На Мундијалот во далечната 1958 година, Пеле на мечот од четвртфиналето против Велс беше стартер со 17 години и 239 денови, што значи дека недостасуваа само три недели за Мора да го сруши рекордот на Пеле. Тогаш Пеле не само што беше стартер, туку даде и гол против Велс, а потоа како тинејџерска ѕвезда го предводеше Бразил до светската тутла.





















