Ал Шара: Сирија бара договор што ќе го гарантира повлекувањето на Израел до границите од 1974 година
Секое признавање на барањето на Израел за окупираниот сириски Голан е неважечко, ова е право што му припаѓа на сирискиот народ, а не на која било влада, изјави претседателот на Сирија, Ахмет ал Шара
Сирискиот претседател Ахмед ал Шара во петок изјави дека Дамаск бара нов безбедносен договор што ќе го гарантира повлекувањето на Израел до линиите на раздвојување од 1974 година, како дел од фазен пристап кон можни пошироки преговори.
Зборувајќи на панел за време на Форумот за дипломатија во Анталија во Туркије, ал Шара рече дека договорот од 1974 година се почитувал повеќе од пет децении, но подоцна бил поткопан од израелските прекршувања, особено по падот на режимот на Башар ал Асад во декември 2024 година.
„Сега влегуваме на првото ниво (на разговори), кое бара безбедносен договор што го гарантира повлекувањето на Израел до границите од 1974 година и поставува нови правила или со посветеност на договорот или со негово прилагодување на начин што ја гарантира безбедноста на двете страни“, рече тој.
Тој додаде дека, доколку процесот биде успешен, би можел да доведе до долгорочни преговори насочени кон решавање на статусот на окупираната Голанска Висорамнина.
„После тоа, доколку ова успее, можеме да се вклучиме во долгорочни преговори за решавање на прашањето за окупираниот Голан“, додаде ал Шара.
Сирискиот претседател, исто така, отфрли какво било признавање на израелскиот суверенитет над територијата. „Секое признавање на барањето на Израел за окупираниот сириски Голан е неважечко. Ова е право што му припаѓа на сирискиот народ, а не на која било влада“, рече тој.
По падот на режимот на Башар ал Асад на 8 декември 2024 година, Израел прогласи пропаѓање на Договорот за разделување од 1974 година и се префрли на окупирање на тампон-зоната долж границата.
И покрај тоа што новата сириска администрација не упати закани кон Израел, израелските сили извршија воздушни напади во Сирија по соборувањето на Асад, убивајќи цивили и таргетирајќи воени објекти, опрема и муниција.