Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан денеска навечер заминува за Русија за да присуствува на самитот на земјите извознички на гас во Москва и да одржи разговори со рускиот претседател Владимир Путин, објави иранската полуофицијална новинска агенција „Тасним“.
Предвидено е Пезешкијан утре да присуствува на самитот на Форумот на земјите извознички на гас (GECF), каде што се очекува да одржи говор.
За време на неговата еднодневна посета, иранскиот претседател може да оствари и билатерални средби со лидерите на другите земји учеснички.
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, во петокот најави дека Пезешкијан и Путин ќе се сретнат во Москва оваа недела.
Во објава на Инстаграм, Аракчи наведе дека средбата ќе претставува продолжение на разговорите водени за време на посетата на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, на Техеран на 19 октомври.
Се очекува разговорите да се фокусираат на билатералната соработка, како и на регионалните и меѓународните случувања.
GECF е меѓувладина организација која ги обединува главните земји производителки на природен гас, меѓу кои се Иран, Русија, Катар и Алжир.






















