Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес изјави дека Израел повторно ќе го нападне Иран „доколку биде потребно“, ветувајќи дека Техеран „ќe нема нуклеарно оружје“, пренесува Анадолу.
„Во Иран се спасивме од атомски бомби“, нагласи Нетанјаху во интервјуто за израелскиот Канал 14.
Тој ги даде овие изјави во период кога меморандумот за разбирање меѓу Вашингтон и Техеран, постигнат со посредство на Пакистан, стапи на сила на 18 јуни, откако беше електронски потпишан од иранскиот претседател Масуд Пезешкијан и американскиот претседател Доналд Трамп.
Договорот обезбедува рамка за ставање крај на конфликтот и решавање на отворените прашања меѓу Вашингтон и Техеран преку преговори, вклучително и прекин на непријателствата, укинување на санкциите, нуклеарното прашање, повторното отворање на Ормускиот Теснец и пошироки регионални безбедносни договори.
Израел постојано го изразува својот став кон каков било договор со Техеран и предупредува на можноста за започнување нови напади врз Иран.
Тел Авив денес одлучи да го одложи повлекувањето од две пилот-зони во Јужен Либан, наведувајќи ја потребата од „чекање додека не се воспостави заеднички механизам за надзор со Бејрут“.
„За време на дискусиите во рамките на израелската армија во врска со планот, за кој Либан и Израел се договорија за време на разговорите за викендот, беше заклучено дека временската рамка за спроведување ќе биде одложена по првичната процена“, објави израелскиот јавен радиодифузен сервис КАН, цитирајќи неименувани извори.
„Повлекувањето на израелските сили од двете либански области Завтар и Фрун (на југот) ќе биде одложено“, додадоа изворите.












