| Macedonian
СВЕТ
4 мин читање
Си Џинпинг до Трамп: Вашингтон и Пекинг треба да бидат паертнери, а не ривали
Треба да си помагаме едни на други да успееме, да напредуваме заедно и да го најдеме вистинскиот начин големите земји да се сложуваат во новата ера му рече кинескиот на американскиот претседател за време на средбата во Пекинг
Си Џинпинг до Трамп: Вашингтон и Пекинг треба да бидат паертнери, а не ривали
APTOPIX Trump China / AP

Кинескиот претседател Си Џинпинг му рече на својот американски колега Доналд Трамп денеска во кинеската престолнина дека Вашингтон и Пекинг треба да бидат „партнери, а не ривали..

Кина и САД „имаат можност да добијат од соработката и да изгубат од конфронтацијата“, рече Си во воведниот говор во Големата сала на народот, церемонијалната градба на државата во Кина, додавајќи дека состанокот привлекол глобално внимание.

„Треба да си помагаме едни на други да успееме, да напредуваме заедно и да го најдеме вистинскиот начин големите земји да се сложуваат во новата ера“, рече тој.

Си рече дека светот минува низ трансформации „невидени во еден век“ и ја опиша меѓународната ситуација како флуидна и турбулентна, додавајќи дека стигнала до „нова раскрсница“.

Тој рече дека Кина и САД се соочуваат со прашања „од витално значење за историјата, за светот и за народот“, вклучително и дали можат „да создадат нова парадигма на односите меѓу големите земји“, заеднички да се справат со глобалните предизвици и „да обезбедат поголема стабилност за светот“.

„Тоа се прашањата на нашето време на кои вие и јас треба да одговориме како лидери на големи земји“, рече Си.

Велејќи дека „секогаш верувал“ дека Пекинг и Вашингтон имаат „повеќе заеднички интереси отколку разлики“, Си додаде дека успехот на едната земја претставува „можност за другата“ и дека стабилните билатерални врски се корисни за светот.

Си истакна дека со нетрпение очекува понатамошни дискусии за прашања важни за двете земји и за пошироката меѓународна заедница, како и за соработка со Трамп „за да се постави курсот и да се управува со џиновскиот брод на кинеско-американските односи“, со цел 2026 година да стане „историска пресвртница“ што отвора „ново поглавје“ во билатералните врски.

Си, исто така, нагласи дека економските врски меѓу двете земји се „заемно корисни и добитни по природа“, според државната новинска агенција Синхуа.

„Вчера, нашите економски и трговски тимови произведоа генерално избалансирани и позитивни резултати. Ова е добра вест за луѓето од двете земји и за светот“, рече Си.

 

Вчера, врвните кинески и американски трговски преговарачи се состанаа во Јужна Кореја за да одржат она што Пекинг го опиша како „искрени, длабински и конструктивни размени“.

„Фактите постојано покажуваат дека трговските војни немаат победник“, рече Си, нагласувајќи ги „рамноправните консултации“ како „единствен правилен избор“, а воедно ги повика двете страни „заеднички да го одржат добриот моментум за кој напорно работеа“.

Си, исто така, ја нагласи посветеноста на Кина на „стабилен, здрав и одржлив развој“ на односите меѓу Кина и САД, објави државната телевизија.

Двете страни се согласија да изградат билатерален однос на конструктивна стратешка стабилност за да обезбедат стратешко водство за врските во следните три години и понатаму, што, според Си, ќе биде добредојдено од „луѓето од двете земји, како и од меѓународната заедница“.

Конструктивната стратешка стабилност „треба да биде позитивна стабилност со соработка како главен столб, здрава стабилност со умерена конкуренција, постојана стабилност со управливи разлики и трајна стабилност со ветувања за мир“, рече Си, нагласувајќи дека тоа не треба да биде „само слоган“, туку конкретни акции од двете страни кон заедничката цел.

Си, исто така, ги повика двете страни подобро да ги користат политичките, дипломатските и воените комуникациски канали, а воедно да ја прошират размената и соработката во трговијата, здравството, земјоделството, туризмот, културата и спроведувањето на законот.

Регионални конфликти, меѓународни прашања

Конфликтот на Блискиот Исток, Тајван, трговијата и царините беа меѓу прашањата што беа високо на агендата за време на разговорите меѓу двајцата лидери.

Двајцата шефови на држави разговараа и за тековната војна меѓу Русија и Украина и ситуацијата на Корејскиот Полуостров.

Трамп беше придружуван од државниот секретар Марко Рубио и министерот за одбрана Пит Хегсет, заедно со раководители од големи американски компании, вклучувајќи го Јенсен Хуанг од „Нвидија“, Елон Маск од „Тесла“, Тим Кук од „Епл“, Лари Финк од „Блекрок“, Стивен Шварцман од „Блекстоун“, Кели Ортберг од „Боинг“, Брајан Сајкс од „Каргил“, Џејн Фрејзер од „Ситигруп“, Лари Калп од „ЏЕ Аероспејс“, Дејвид Соломон од „Голдман Сакс“, Санџај Мехротра од „Микрон“ и Кристијано Амон од „Квалком“.

Посетата доаѓа во време на конфликтот на Блискиот Исток предизвикан откако американските и израелските сили започнаа напади врз Иран на 28 февруари, предизвикувајќи одмазднички напади врз Израел и сојузниците на САД во Заливот, како и затворање на Ормутскиот теснец.

Во регионот моментално е на сила продолжен прекин на огнот.

Кина постојано повикува на дијалог во регионот, додека Вашингтон го обвинува Пекинг дека ги поддржува воените и економските капацитети на Иран.

Повеќе
Германија повика на истрага за наводна тортура врз Палестинци во израелските затвори
Американски конгресмен тврди дека Вашингтон изгубил 39 авиони во војната со Иран
Најмалку осум убени, меѓу кои и два деца во израелските воздушни напади јужно од Бејрут
Туркије ги отфрла како „целосно неосновани“ тврдењата за мешање во политиката на Сомалија
Првата дама на Туркије: На Форумот за нула отпад ќе се дискутира за климатските промени
Израелски окупатори го нападнаа гробот на Јосиф во окупираниот Западен Брег под заштита на армијата
Туркије вели дека бирократските подготовки се завршени за директна трговија со Ерменија
Трамп во Кина ги однесе технолошките директори кои летаат со претседателскиот авион
Кина пред самитот со Трамп негодува за воената соработка САД-Тајван
Австралија распоредува напреден авион за надзор над Ормутскиот Теснец
Трамп повторно провоцира дека Венецуела ќе биде 51. американска сојузна држава
Хантавирус: Карантинот се шири, СЗО предупредува дека кризата не е завршена
Стармер одбива да се повлече по првата министерска оставка, а бунтот на лабуристите се продлабочува
Пентагон: Војната на САД против Иран досега чини 29 милијарди долари
Ердоган: Туркије го заштити синџирот на снабдување со храна и покрај глобалните конфликти