| Macedonian
СВЕТ
3 мин читање
Турскиот министер за надворешни работи ја повикува Русија и Украина да склучат мир
Овие војни повеќе не се одржливи. Затоа, Русија и Украина мораат да постигнат договор, рече Хакан Фидан
Турскиот министер за надворешни работи ја повикува Русија  и Украина да склучат мир
Турскиот министер за надворешни работи ја повикува Русија и Украина да склучат мир / АА

Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан во саботата ги повика Русија и Украина да постигнат договор за мир, предупредувајќи дека речиси петгодишната војна нанела огромна штета на глобалната економија и носи ризик од натамошна регионална ескалација.

Во разговор за Анадолу и турската јавна телевизија ТРТ, на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на Г20 во американскиот град Атланта, Фидан изјави дека економските и социјалните трошоци на конфликтот сè потешко можат да се игнорираат, особено за европските земји.

„Овие војни веќе не се одржливи. Затоа Русија и Украина мора да постигнат договор“, рече тој.

Тој додаде дека трајното решение би барало не само мир меѓу Русија и Украина, туку и подобрување на односите меѓу Русија и Европа.

„По постигнувањето на мирот, треба одново да се дефинира конструктивниот однос меѓу Европа и Русија. Тоа е така затоа што секој мировен договор што Украина ќе го постигне со Русија нема да биде ограничен само на тие две земји. Во извесна смисла, и Европа треба да се помири со Русија и повторно да воспостави одредени аспекти на нивните односи. Ова е важно“, нагласи Фидан.

Затворањето на Ормускиот Теснец го зголемува притисокот врз глобалната економија

Фидан предупреди дека затворањето на Ормускиот Теснец значително ги влошило економските последици од војната во Украина, дополнително попречувајќи го снабдувањето со енергенси и меѓународната трговија.

Тој рече дека поради меѓусебната поврзаност на глобалната економија, станува „сè потешко“ да се пресмета целосното финансиско влијание на овие нарушувања.

„Европската индустрија долго време имаше корист од релативно евтината руска енергија, која ги поддржуваше производството, извозот и поврзаните финансиски активности. Раскинувањето на овие економски врски предизвика далекусежни последици“, рече Фидан.

Тој нагласи дека растечкиот економски товар мора да се запре.

Туркије работи на обновување на трговијата со жито во Црното Море

Фидан изрази загриженост поради нарушувањата во комерцијалниот поморски сообраќај во Црното Море, посочувајќи дека руското и украинското жито, како и енергетските резерви, тешко стигнуваат до меѓународните пазари.

„Особено безбедноста на снабдувањето со храна е исклучително проблематично прашање. Ова мора да се запре што е можно поскоро“.

Фидан рече дека Туркије продолжува со интензивни дипломатски контакти и вложува значителни напори за олеснување на транспортот на жито од Црното Море до меѓународните пазари.

Тој повика спорот меѓу САД и Иран, кој доведе до затворање на Ормускиот Теснец, да биде решен што е можно поскоро, нагласувајќи ја важноста од повторното отворање на клучните меѓународни трговски рути.

Фидан рече дека војната во Украина предизвикала големи човечки страдања, покрај економските и геостратешките последици.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во саботата во Истанбул се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Зеленски престојуваше во Туркије во работна посета, а средбата се одржа во услови на континуираните дипломатски активности на Анкара во врска со војната меѓу Русија и Украина.

Фидан изрази загриженост дека конфликтот би можел дополнително да се прошири доколку меѓународните напори не успеат да го запрат.

Тој рече дека веќе се оствариле многу од сценаријата од кои Туркије претходно стравувала, а кои се однесувале на проширувањето на војната.

„Ако не ја запреме, конфликтот би можел дополнително да се прошири, а тоа е сценарио што во никој случај не сакаме да го видиме. Искрено, на ова ги предупредуваме и меѓународните и регионалните актери. Од наша страна, ќе продолжиме да правиме сè што можеме“, рече тој.

Користејќи ги добрите односи и со Русија и со Украина, Туркије продолжува да се позиционира како дипломатски соговорник во напорите за ставање крај на војната и решавање на нејзините пошироки регионални и меѓународни последици.

ИЗВОР:َAA
Повеќе
Големи донатори, поголеми влогови: Парите ги обликуваат трките на среднoрочните избори во САД
Теленовела во живо: Приказната за семејството Болсонаро
Избори во Израел: Што значат рекордните бројки на арапските партии за ционистичката политика
Како растечките тензии меѓу САД и Украина ќе го обликуваат текот на војната?
Врховен суд ги укина пресудите за пожарот во модуларната болница во Тетово
Зеленски доаѓа во Туркије на разговори со Ердоган за војната во Украина и безбедноста во Црното Moре
Емине Ердоган повикува на посилна соработка во однос на жените и семејствата низ туркискиот свет
Трамп не планира да го поддржи тврдењето на Болсонаро дека е лидер на Бразил
Ердоган: Нема трајно решение за Кипар без заштита на правата на кипарските Турци
Брнабиќ: Претседателските избори во Србија ќе бидат распишани до 27 ноември
Лапид вели дека Нетанјаху „нема начин“ да формира влада по изборите во Израел
Од 1 мај директна авионска линија меѓу Скопје и Тиват
Дневни блиц вести 30.10.2026
Катарските посредници повторно во Техеран за обнова на преговорите САД-Иран
Претседателот Ердоган ја истакна солидарноста меѓу турските држави