Министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ, денеска во Сараево се сретна со министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија, Тимчо Муцунски, со кого разговараше за зајакнување на билатералните односи, европските интеграции, регионалната соработка, економското поврзување и заедничките предизвици на земјите од Западен Балкан.
По средбата, Конаковиќ изјави дека односите меѓу Босна и Херцеговина и Северна Македонија се многу добри, но дека постои простор за нивно дополнително унапредување, особено во областа на економијата, трговијата, сообраќајното поврзување и заедничкиот настап кон Европската Унија.
„Денеска имавме многу ефективна и продуктивна средба што води кон натамошно зајакнување на нашите односи. ѝ благодариме на Северна Македонија за разбирањето, поддршката, соработката во мултилатерализмот и заедничките иницијативи“, рече Конаковиќ.
Тој нагласи дека БиХ и Северна Македонија имаат речиси идентични проблеми, но и многу слични решенија, пред сè во контекст на европските интеграции и економскиот развој.
Според него, европскиот пат претставува една од клучните можности за земјите од регионот, бидејќи побрзото подобрување на економските услови би можело директно да влијае врз запирањето на иселувањето на населението, но и врз враќањето на оние кои работа побарале надвор од границите на своите татковини.
„Ако успееме брзо да ги подобриме економските услови во нашите земји, не само што луѓето ќе остануваат, туку сум убеден дека ќе се враќаат во своите домови и оние што побарале работа надвор од границите на своите држави“, рече Конаковиќ.
Тој додаде дека БиХ и Северна Македонија заеднички покренале повеќе прашања кон Брисел, меѓу кои статусот на професионалните возачи од земјите во регионот, како и проблемите поврзани со новите европски системи за влез и излез и нивното влијание врз граѓаните, туристичките потенцијали и патувањата меѓу Западен Балкан и Европската Унија.
Конаковиќ наведе дека двете земји заеднички укажуваат и на прашањето за европските такси за челикот, кое, како што рече, најпрво Муцунски, а потоа и тој, многу често го отвораат на средбите со претставници на Европската Унија.
„Приказната за проширувањето е жива, актуелна и сè уште достапна за сите нас. Мораме да ја искористиме поради луѓето што живеат во нашите земји“, порача Конаковиќ.
Говорејќи за економската соработка, министерот за надворешни работи на БиХ наведе дека годишната трговска размена меѓу Босна и Херцеговина и Северна Македонија изнесува околу 225 милиони евра, со нешто поголем увоз од Северна Македонија во однос на извозот од БиХ, но дека тој однос е приближно избалансиран.
Тој оцени дека обемот на размената може да биде значително подобар, поради што на состанокот се разговарало и за организирање заеднички бизнис-форуми во наредните месеци, со цел поврзување на стопанствениците и индустриите од двете земји.
„Сметаме дека во следните неколку месеци би можеле да се организираме и да одржиме заеднички бизнис-форуми, да ги поврземе луѓето од индустријата, што кај нас во Босна и Херцеговина веќе дава сериозни резултати таму каде што сме го направиле тоа“, изјави Конаковиќ.
Една од темите на состанокот била и можноста за повторно воспоставување директна авионска линија Сараево – Скопје. Конаковиќ рече дека таа линија е стратешки многу важна за двете земји и дека Босна и Херцеговина е подготвена делумно да го субвенционира нејзиното повторно воспоставување.
„Денеска ја отворивме и темата за нов обид за директна авионска линија Сараево – Скопје. Ќе ги повикаме и нашите колеги од Грција повторно заедно да работиме на тоа, бидејќи претходно имавме некои решенија. Подготвени сме од БиХ делумно да ја субвенционираме оваа линија, која е стратешки многу важна“, истакна Конаковиќ.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, порача дека неговата земја силно ги поддржува европските аспирации на БиХ.
Тој нагласи дека Северна Македонија го поддржува територијалниот интегритет, суверенитетот, меѓународниот субјективитет и државните институции на Босна и Херцеговина, наведувајќи дека тоа е доследен и принципиелен став на неговата земја.
Муцунски рече дека Западен Балкан дели бројни безбедносни, политички и економски предизвици, но и заеднички интерес да биде дел од Европската Унија. Тој истакна дека земјите од регионот треба да продолжат да ја развиваат меѓусебната поддршка, размената на искуства и заедничкиот настап кон европските партнери.
Особено ја нагласи важноста од зајакнување на економската соработка меѓу БиХ и Северна Македонија, како и потребата од поинтензивно поврзување на деловните заедници на двете држави.
Муцунски рече дека постои простор за унапредување на трговската размена, зајакнување на инвестициските врски и отворање нови можности за соработка меѓу стопанствениците, особено во контекст на европските интеграции и регионалното поврзување.
Говорејќи за односите меѓу двете држави, тој истакна дека заедниците на граѓани на БиХ во Северна Македонија, како и граѓаните на Северна Македонија кои живеат во БиХ, претставуваат важен мост за поврзување на двете земји.
На состанокот, како што беше соопштено, се разговарало и за соработката во меѓународните организации, меѓусебната поддршка, регионалната стабилност, европскиот пат, но и за конкретни проекти што би можеле дополнително да ги поврзат Сараево и Скопје.
Конаковиќ и Муцунски порачаа дека БиХ и Северна Македонија, како пријателски земји, ја делат истата стратешка цел – членство во Европската Унија, и дека ќе продолжат заеднички да дејствуваат по прашања што се од интерес за граѓаните на двете држави и за целиот регион на Западен Балкан.





















