Данецот Питер Дуе нов шеф на УНМИК

Дуе ќе ја замени Каролин Зијаде од Либан, на која Гутереш ѝ се заблагодари за нејзините посветени напори во промовирањето на мирот и стабилноста во Косово и регионот, како и за нејзиното ефикасно водење на Мисијата

By
Дуe има 30 години богато искуство во меѓународни мисии на ОН низ целиот свет, а веќе работел во Белград и Приштина / Reuters

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, го назначи Данецот Питер Н. Дуе, кој веќе работел во Белград и Приштина, за свој нов специјален претставник и шеф на Мисијата на ОН во Косово (УНМИК).

Дуе ќе ја замени Каролин Зијаде од Либан, на која Гутереш ѝ се заблагодари за нејзините посветени напори во промовирањето на мирот и стабилноста во Косово и регионот, како и за нејзиното ефикасно водење на Мисијата, според веб-страницата на УНМИК.

Дуе има 30 години богато искуство во меѓународни мисии - од 2019 година, тој беше директор за Азија и Пацификот во Одделите за политички и мировни работи и мировни операции.

Претходно работел како директор за Азија, Блискиот Исток, Европа и Латинска Америка во Одделот за мировни операции (2015-2019), а бил и претставник на генералниот секретар и началник на кабинетот на Обединетите нации во Белград (2013-2015) и службеник за политички прашања во ОН во Приштина.

Во Њујорк, тој работел и како началник на кабинетот на специјалниот помошник на заменик-генералниот секретар за мировни операции (2009-2013), раководител на тим за Западна Африка (2008-2009) и раководител на тим за Европа и Латинска Америка (2008).

Покрај неговите задачи во Обединетите нации, Дуе работел во Министерството за надворешни работи на Данска во Копенхаген и Еритреја.

Дуе има диплома од прв и втор степен по филозофија, политика и економија од Универзитетот во Оксфорд, втор степен по меѓународни односи од Институтот за постдипломски студии за меѓународни студии во Женева и е кандидат за магистерски студии по општествени науки и филозофија на Универзитетот во Копенхаген.

Покрај неговиот мајчин дански јазик, зборува англиски, француски и германски јазик.