Европа секој ден губи зелено и обработливо земјиште со големина на 600 фудбалски игралишта

Истражувачите наведоа заштитена област од песочни дини од речиси 300 хектари во Португалија, во близина на Лисабон, која била уништена за да се направи место за луксузно голф игралиште и одморалиште каде што имотите ќе се продаваат за 6 милиони евра

Европа губи околу 1.500 квадратни километри годишно поради градежни проекти / AP

Европа губи зелено и обработливо земјиште со големина на 600 фудбалски игралишта дневно поради градежништвото и урбаниот развој, според најновата анализа.

Студијата, спроведена од Гардијан во соработка со научници од Норвешкиот институт за истражување на природата и други организации, открива дека помеѓу 2018 и 2023 година, Европа и Обединетото Кралство изгубиле големи зелени површини кои некогаш биле дом на растителни и животински видови, апсорбирале јаглерод диоксид и произведувале култури.

Анализата на сателитските снимки ги покажува степенот и брзината со која таквите области исчезнуваат поради изградбата на патишта, станбените проекти и луксузните голф терени.

Истражувањето, во кое учествуваше и Арена за новинарство во Европа, покажа дека Европа губи околу 1.500 квадратни километри годишно поради градежни проекти.

За пет години, околу 9.000 квадратни километри зелена површина, со големина на островот Кипар, се претворени во сива зона, што е речиси 30 квадратни километри неделно.

Ваквиот развој има сериозни последици врз здравјето на луѓето и безбедноста на храната, предупредуваат експертите.

Професорот Стив Карвер од Универзитетот во Лидс истакнува дека ова е една од главните причини за намалувањето на биодиверзитетот и дека урбаното ширење води до губење на земјоделско земјиште.

Како пример, истражувачите наведоа заштитена област од песочни дини што покрива речиси 300 хектари во Португалија, во близина на Лисабон, која беше уништена за да се направи место за ново луксузно голф игралиште и одморалиште каде што имотите ќе се продаваат за околу 5,6 милиони фунти.

Друг пример е мочуриште во Туркије, во Измир, на брегот на Егејското Море, кое се покрива со бетонски темели за марина каде што ќе се градат луксузни јахти, покажа студијата.

Ова мочуришно подрачје било дом на пеликани, фламинга, корморани и други видови, а исто така било важно за апсорпција на јаглерод, според лондонскиот дневен весник.

Корпорацијата Јатек, која го развива проектот за марината, изјави дека тој ќе донесе огромен економски раст и илјадници работни места во областа.

Слични примери може да се најдат низ цела Европа, со половина милион дрвја кои се сечат во близина на Берлин во Германија за да се изгради гигантска фабрика на Тесла, додека голема ветерна фарма се гради во планините Вермио во северна Грција, област заштитена со закон.

Европратеничката од Зелените, Лена Шилинг, изјави дека ЕУ со години ветува дека ќе биде лидер во заштитата на климата и природата, но најновата студија покажува дека Унијата всушност ја зацементира сопствената иднина.

Анализата вклучувала 30 земји, а петте земји кои изгубиле најголем процент на зелени површини се Туркије, Полска, Франција, Германија и Обединетото Кралство.