Зеленски го посети Херсон на тригодишнината од ослободувањето на градот

Зеленски најави дека Владата ќе одобри дополнителни средства за обновување на енергетската инфраструктура и поддршка на социјалните институции во Херсон, меѓу кои градинките и училиштата.

By
Зеленски го посети Херсон на тригодишнината од ослободувањето на градот / Reuters

Украинскиот претседател Владимир Зеленски денес го посети Херсон по повод тригодишнината од повторното воспоставување украинска контрола врз градот, при што најави нови безбедносни и социјални мерки за регионот.

„Денес сум во Херсон. Ова е тригодишнина од ослободувањето на градот од Русите – окупаторите побегнаа и ние се сеќаваме на храброста на нашиот народ што го овозможи тоа“, изјави Зеленски.

Тој рече дека се сретнал со воени и безбедносни претставници за да разговараат за локалната одбрана, нагласувајќи дека „секој месец овој град е цел на илјадници руски напади со дронови.“

„На нашите сили за беспилотни системи и другите единици им наредив овде да ги прошират одбранбените капацитети“, додаде претседателот, истакнувајќи дека новите мерки ќе се фокусираат на заштитата на патиштата, логистиката и енергетските објекти.

Зеленски најави дека Владата ќе одобри дополнителни средства за обновување на енергетската инфраструктура и поддршка на социјалните институции во Херсон, меѓу кои градинките и училиштата.

Украинските сили ја вратија контролата врз Херсон во ноември 2022 година, по неколкумесечна руска окупација. Градот и понатаму е подложен на чести напади со дронови и артилерија од територијата под руска контрола, од другата страна на реката Дњепар.