Зеленски: Украина почнува да извезува одбранбени технологии во Европа
Десет извозни центри ќе бидат оперативни во 2026 година, а производството на украински дронови ќе започне во Германија кон средината на февруари, рече претседателот на Украина
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, синоќа објави дека Украина почнува да извезува свои одбранбени технологии во Европа.
Како што рече, десет извозни центри ќе бидат оперативни во 2026 година, а производството на украински дронови ќе започне во Германија кон средината на февруари, пренесува Укринформ.
„Денес го отвораме извозот. Ќе има десет извозни центри во Европа во 2026 година. Тоа се балтичките земји и земјите од Северна Европа“, рече Зеленски за време на разговор со студенти и наставници на Киевскиот воздухопловен институт.
Зеленски нагласи дека производствените линии веќе работат во Велика Британија и дека сите се украински технологии.
Како што вели, денес безбедноста на Европа е изградена врз технологија и дронови.
„Постојат неколку различни проекти. Сите тие ќе бидат базирани главно на украинска технологија и украински експерти. Ние едноставно сме во војна, а сите компании сè уште не ја чувствуваат слободата да влезат на сите други пазари“, додаде тој.
„Укринформ“ нè потсетува дека Зеленски претходно објави дека Украина ќе спроведе контролиран извоз на оружје за кое нема недостиг до крајот на војната.