Техеран контра Трамп: Иран одреди „безбеден“ коридор низ Ормускиот теснец
Најмалку девет бродови излегле од Ормускиот теснец преку безбеден коридор низ иранските територијални води во близина на островот Ларак, од каде што беа визуелно оценети од иранската морнарица и пристанишните власти, според компанијата Лојд Лист
Иран одреди „безбедна“ рута низ своите територијални води во Ормускиот теснец и се очекува наскоро да воспостави формална постапка за издавање дозволи за бродови во транзит, напиша во анализа специјализирната компанија Лојдс Лист.
Лојдс Лист е едно од најстарите списанија во светот, кое континуирано објавува неделни вести за бродскиот сообраќај уште од 1734 година.
Најмалку девет бродови излегле од Ормускиот теснец преку безбеден коридор низ иранските територијални води во близина на островот Ларак, од каде што беа визуелно оценети од иранската морнарица и пристанишните власти, според извештај на компанијата за анализи и поморски вести, објавен во среда.
Неколку танкери поминале низ теснецот по иранските инспекции и дипломатски интервенции, а еден оператор наводно му платил на Иран транзитна такса од 2 милиони долари, соопшти Лојдс Лист.
Според компанијата, неколку земји се во директни разговори со Техеран за плановите за транзит на бродови, вклучувајќи ги Индија, Пакистан, Ирак, Малезија и Кина, а претставници на Иранската револуционерна гарда поставија рамка за регистрација на бродови за издавање гаранции за безбеден премин.
Техеран ја презеде контролата врз Ормускиот теснец по американско-израелскиот напад на 28 февруари, забранувајќи го транзитот на бродови поврзани со САД, Израел, европските земји и нивните партнери.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи, потврди претходно оваа недела дека Иран одобрил премин на бродови од неколку земји низ теснецот, додека податоците за поморскиот сообраќај покажаа дека ирански, индиски, кинески и грчки бродови го напуштиле Персискиот Залив.
Воспоставување на системот
Безбедниот премин низ коридорот моментално се преговара за секој случај поединечно, според извештајот на Лојдс Лист, но се очекува иранските власти да воспостават формален процес на лиценцирање во наредните денови.
Техеран ќе воспостави нов режим за премин низ Ормускиот теснец за да ги санкционира силите кои бараат доминација со блокирање на преминот на нивните бродови, изјави во четврток економскиот советник на врховниот лидер на Иран, Мохамед Мокбер, според извештајот на иранската новинска агенција Мехр.
Лојдс Лист во својата анализа наведува дека бродовите што сакаат да транзитираат низ одобрениот коридор низ теснецот мора да им обезбедат на иранските власти информации за сопственост и дестинација пред да транзитираат.
„Владата и деловниот сектор во моментов се обидуваат да воспостават процес преку кој бродовите што дефинитивно не се поврзани со САД и Израел можат да комуницираат (со иранските власти) и да добијат потврда за безбедно поминување низ Ормускиот теснец, објавува Лојдс Лист, цитирајќи го Димитрис Манијатис, извршен директор на консултантската компанија за поморски товар Марикс.
Укинување на санкциите?
„Дозволата во моментов сè уште се разгледува од случај до случај, при што некои влади комуницираат директно со иранските власти, потврдувајќи дека одреден брод плови кон Персискиот Залив за да побара дозвола за безбедно поминување низ теснецот“, рече Манијатис, според извештајот на „Лојдс Лист“.
Сообраќајот останува многу мал, се забележува во извештајот, со 15 бродови што поминале низ теснецот од 15 до 17 март, речиси сите поврзани со Иран.
Само околу 90 бродови поминале низ Ормускиот теснец помеѓу 1 март и 15 март, според Лојдс Лист Интелиџенс. Минатата година, повеќе од 1.000 бродови поминале во истиот период.
Порано оваа недела, американскиот министер за финансии Скот Бесент изјави дека САД „немаат забелешки“ за тоа некои ирански, индиски и кинески бродови да минуваат низ Ормускиот теснец.
„Гледаме сè повеќе танкери за нафта што минуваат низ теснецот, вклучувајќи индиски и, веројатно, кинески бродови“, рече Бесент во понеделник во интервју за телевизиската станица Си-Ен-Би-Си, според извештајот на Ројтерс.
„Ирански бродови поминале низ него и претходно, а ние им дозволивме за да може остатокот од светот да се снабдува“, рече Бесент.
Во четврток, американскиот министер изјави дека Вашингтон би можел да ги укине санкциите за иранската нафта „заглавена“ на танкерите.
„Би можеле да ги укинеме санкциите за иранската нафта на море во наредните денови. Станува збор за околу 140 милиони барели, изјави Бесент.
На почетокот на месецот, САД воведоа 30-дневна дозвола за купување руска нафта складирана на танкери.
Извор: ХИНА