Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера по работната вечера со францускиот претседател Емануел Макрон во Париз најавија дека до 15 декември Србија ќе потпише комерцијален договор со француската компанија Алстом за изградба на првата линија на белградското метро.
„Конечно ќе потпишеме комерцијален договор за изградба на првата линија на метрото со француската компанија Алстом до 15 декември, значи во следниот месец. И ја завршуваме оваа работа или почнуваме да ја финализираме, така што за две и пол години ќе ја имаме првата линија на метрото, две и пол, три, не е важно, но Белград конечно ќе добие метро“, рече Вучиќ.
Вучиќ изјави дека е многу среќен што имал можност да разговара три часа со претседателот на Франција, кого го смета за еден од клучните светски лидери.
Тој изјави дека разговарале за стратешки важни прашања и планови за наредниот период.
Вучиќ нагласи дека трговијата меѓу Србија и Франција ќе надмине две милијарди евра за прв пат оваа година.
„Разговаравме за различни области, заеднички инвестиции, француски инвестиции во Србија, како и соработка во областа на вештачката интелигенција“, додаде тој.
Вучиќ рече дека од француската компанијата Бул Сас, ќе купат еден од најуспешните суперкомпјутери во светот, кој е многу вреден, кој ќе биде втор во Србија, и единствен со таква вредност за вештачката интелигенција во Југоисточна Европа.
„Покрај 19 други вакви компјутери, значи вкупно 20 во Европа. Правиме многу со Франција“, рече Вучиќ.



















