Трамп најави акција за отстранување на „руската закана“ од Гренланд
„НАТО ѝ кажува на Данска веќе 20 години дека ‘мора да ја отстрани руската закана од Гренланд’. За жал, Данска не беше во можност да направи ништо по тоа прашање. Сега е време и тоа ќе биде направено!!!“
Американскиот претседател Доналд Трамп денес најави дека Вашингтон ќе преземе решителни чекори за отстранување на, како што ја нарече, „руската закана“ од Гренланд.
„НАТО ѝ кажува на Данска веќе 20 години дека ‘мора да ја отстрани руската закана од Гренланд’. За жал, Данска не беше во можност да направи ништо по тоа прашање. Сега е време и тоа ќе биде направено!!!“, напиша Трамп на социјалната мрежа „Трут Сошал“.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, и Трамп вчера разговараа телефонски за безбедносната состојба во Гренланд и Арктикот. Руте изјави дека двајцата „ќе продолжат да работат на ова прашање“, додавајќи дека со нетрпение очекува средба со Трамп во Давос подоцна оваа недела.
Гренланд, самоуправна територија во рамки на Кралството Данска, со години е во фокусот на интересите на САД поради својата стратешка локација и богатите минерални ресурси, како и поради наводните зголемени активности на Русија и Кина во регионот.
Во нов потег, Трамп во саботата изјави дека Вашингтон ќе воведе царини од 10 отсто на увоз на стоки од осум европски земји, меѓу кои Данска, Норвешка, Шведска, Франција, Германија, Обединетото Кралство, Холандија и Финска, почнувајќи од 1 февруари. Царините, според најавата, ќе се зголемат на 25 отсто во јуни, поради противењето на овие земји на американската контрола врз Гренланд.
По најавата, осумте европски држави вчера издадоа заедничка изјава во која ги осудија американските закани и ја потврдија својата посветеност на безбедноста во Арктичкиот регион.
Во меѓувреме, Кремљ минатата недела го призна правниот статус на Гренланд како дел од Данска, оценувајќи ја актуелната состојба на островот како „многу контроверзна“.
„Тргнуваме од разбирањето дека Гренланд е територија на Кралството Данска“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.