| Macedonian
СВЕТ
3 мин читање
УНИЦЕФ: Секое петто дете во 21 земја доживеало сексуална злоупотреба овозможена со технологија
Повеќе од половина од случаевите се случиле на платфвормите на социјалните мрежи
УНИЦЕФ: Секое петто дете во 21 земја доживеало сексуална злоупотреба овозможена со технологија
УНИЦЕФ: Речиси секое петто дете во 21 земја доживеало сексуална злоупотреба овозможена со технологија

Се проценува дека 20 милиони деца на возраст од 12 до 17 години, односно речиси секое петто дете, во текот на една година во 21 земја доживеале најмалку една форма на сексуална експлоатација и злоупотреба овозможена со технологија, соопшти УНИЦЕФ.

Наодите се вклучени во новиот извештај насловен „Низ детските очи: Како дигиталните технологии овозможуваат сексуална злоупотреба на деца“, кој ги комбинира податоците од анкетата со сведоштва на деца кои доживеале злоупотреба.

„Извештајот ја открива болната реалност. Повеќе од 20 милиони деца во земјите опфатени со истражувањето биле изложени на несакани експлицитни сексуални содржини или експлоатација на интернет, често во дигитални простори каде што учат, играат и се поврзуваат со пријателите“, изјави извршната директорка на УНИЦЕФ, Кетрин Расел.

„Многу деца страдаат во тишина, несигурни кому да се обратат за помош. Не смееме да го игнорираме ова“, додаде таа.

Во извештајот се проценува дека повеќе од 15 милиони деца биле изложени на несакани сексуални содржини, додека од девет милиони било побарано да учествуваат во сексуални разговори или да споделуваат сексуални фотографии против своја волја.

На околу четири милиони деца им биле споделени сексуални фотографии без нивна согласност.

Речиси 60 отсто од случаите се случиле на платформи на социјалните мрежи, вклучувајќи ги Фејсбук, Инстаграм, Снепчет, ТикТок и Ватсап, додека 14 отсто се случиле во онлајн игри, се наведува во извештајот.

Во извештајот се открива дека во 57 отсто од случаите бил вклучен некој што детето веќе го познавало, вклучувајќи врсници, романтични партнери, пријатели и членови на семејството. Истовремено, 38 отсто од децата за првпат се сретнале со сторителот онлајн, а злоупотребата била овозможена преку алатки како лажни профили и приватни пораки.

Искуствата имале значително влијание врз емоционалната благосостојба на децата, нивното чувство на сигурност и довербата во другите, а учесниците во истражувањето опишале чувства на страв, срам, збунетост и изолација, се наведува во извештајот.

Анализата покажала дека кај децата кои доживеале сексуална експлоатација овозможена со технологија, веројатноста да пријават самоубиствени мисли или однесување и самоповредување била четири пати поголема, а тие пријавиле и значително повисоко ниво на анксиозност.

Во Мексико и Северна Македонија, ризикот од самоубиствени мисли или однесување бил повеќе од осум пати поголем кај децата кои доживеале злоупотреба, додека во Пакистан ризикот од самоповредување бил повеќе од седум пати поголем, според извештајот.

- Децата страдаат во тишина -

Повеќе од 40 отсто од случаите никогаш не биле споделени со никого, додека помалку од еден отсто биле пријавени кај надлежните, вклучувајќи полиција, социјални работници или телефонски линии за помош.

Најчестата причина поради која децата молчеле во сите испитани земји била тоа што не знаеле каде да се обратат или кому да кажат, наведува УНИЦЕФ.

Во извештајот се повикуваат владите, технолошките компании и другите засегнати страни да ја зајакнат заштитата на децата на интернет, вклучително и преку посилни мерки за заштита на приватноста, ограничување на несаканиот контакт од возрасни лица, побезбедни системи за препораки и подобрено откривање и пријавување на злоупотребата.

Се повикува и на посилни закони и мерки за спроведување на законите, подобрени системи за пријавување и поддршка, како и поголема поддршка за семејствата, училиштата и заедниците.

„Сите ние, вклучително и владите и технолошките компании, мора да направиме повеќе за да ги заштитиме децата на интернет“, рече Расел.

Извештајот се заснова на национално репрезентативни анкети спроведени меѓу околу 21.000 деца на возраст од 12 до 17 години кои користат интернет во 21 земја, како и на детални интервјуа со 100 млади луѓе кои доживеале злоупотреба во детството.

УНИЦЕФ соопшти дека наодите од анкетата се репрезентативни за децата кои користат интернет, а не за сите деца, особено во земјите со пониска интернет-поврзаност.

ИЗВОР:َAA
Повеќе
Туркије, Катар, Индонезија и Пакистан потпишаа меморандум за одбранбена соработка
Апсења во Нови Сад, Врњачка Бања и Белград на осомничени за планирање немири на денот на избoрите
Масовни протести низ Грција: Студентите бараат бесплатно образование, а професорите повисоки плати
Путин: Првиот танкер со дизел гориво ќе се упати кон САД за два до три дена
Вучиќ: Третата светска војна е неизбежна во услови на засилено вооружување во Европа
Европската комисија: Нивото на залихите на гас во ЕУ е под историскиот просек
За европратениците и Калас укинувањето на санкциите врз Русија од страна на Трамп е срамно
Кос: Билатералните прашања меѓу Хрватска и Црна Гора не се дел од преговорите, но мора да се решат
Рама повторнo ги постави столчињата искршени од студентите и ги повика на дијалог
Туркије ќе ги заостри казните за злоупотреба на пазарот и тргување со инсајдерски информации
Франција ги проценува штетите од протестите на стотици милиони евра
Лула бара изборниот суд да ги објави неговите банкарски евиденции
Трамп: Зеленски мора да сака да ја прекине оваа војна, инаку сè ќе заврши многу лошо
Бугарија нема да учествува во новата помош на ЕУ за Украина
НАТО ќе испрати авиони и беспилотни летала во Црното Море по нападите врз бродови