Лидерката на шведската опозиција, Магдалена Андерсон, денес изјави дека досега не успеала да формира влада по изборите во септември, но останува подготвена да се соочи со парламентарно гласање за нејзината кандидатура за премиерка, пренесува јавниот радиодифузен сервис.
Блокот на левиот центар, предводен од Андерсон, тесно победи на изборите во септември со освоени 176 пратенички места наспроти 173-те на десничарската коалиција, но останува поделен околу составот на новата влада.
Говорејќи по средбата со претседателот на парламентот, Андреас Норлен, лидерката на Социјалдемократите рече дека во преговорите е постигнат напредок, но не е обезбедена доволна поддршка.
„Мојата севкупна оценка е дека е постигнат напредок, но дека во моментов не постојат услови за формирање влада што би била прифатлива за Риксдагот“, изјави таа, според наводите на SVT.
Андерсон рече дека сега е ред на претседателот на парламентот да се консултира со лидерите на другите партии и да одлучи како да се постапи понатаму.
„Го информирав претседателот на парламентот дека сум подготвена за гласање за премиер“, рече таа, додавајќи дека гласањето во оваа фаза би се однесувало на влада составена исклучиво од Социјалдемократи.
Заменик-лидерката на Партијата на левицата, Ида Габриелсон, изјави дека нејзината партија ќе се спротивстави на таква влада.
„Ние ќе го сториме тоа, а сигурно и други партии ќе го сторат истото. Во тоа нема никаква драма“, изјави таа за јавниот сервис SVT.
Портпаролката на Партијата на зелените, Аманда Линд, го повтори ставот на нејзината партија дека претпочитаат влада со мнозинство во која би учествувале сите четири партии, истакнувајќи дека разговорите напредувале, но не бил постигнат договор.
Андерсон ги повика партиите да дејствуваат конструктивно и да се фокусираат на политиките, нагласувајќи дека ниту една партија не може да очекува дека ќе ги исполни сите свои барања.





















