| Macedonian
РЕГИОН
4 мин читање
Државната матура годинава со просечна оценка 3,66, поништени матурските тестови на 226 препишувачи
На 226 ученици им е поништен тестот и тие ќе полагаат повторно во август, дел се фатени како препишуваат на самиот испит, а за дел е утврдено дека препишувале откако им се прегледани тестовите, рече министерката Јаневска
Државната матура годинава со просечна оценка 3,66, поништени матурските тестови на 226 препишувачи
Јаневска истакна дека не очекува нов демографски удар во септември и најмалку 3.000 првачиња помалку во училишните клупи (Фото: МОН на РСМ)

Матурантите во учебната 2025-2026 година го завршиле полагањето на државната матура во јунскиот испитен рок со 3,66 средна оценка, соопштија министерката за образование и наука Весна Јаневска и директорката на Државниот испитен центар Даниела Јовчевска-Михајловска на прес-конференција по поднесени и разгледани приговори по објавените прелиминарни резултати.

Повеќе од 14 500 ученици кои завршиле средно образование во учебната 2025/2026 година биле пријавени за полагање на екстерните испити (задолжителниот мајчин јазик и уште еден предмет од понудените за избор) од матурата во јунската испитна сесија.

Просечната оценка за државна матура е 3,62, за стручна 3,91 и за уметничка 3,59. Јаневска и Јовчевска-Михајловска се задоволни од просекот и што е задржан континуитетот од лани, кога оценката беше 3,69, за разлика од 2024 кога беше 3,26.

„Ценам дека ова се објективни резултати. Училиштата, факултетите каде се организираа дел од тестовите, тестаторите кои беа околу 2500 на број, околу 200 набљудувачи и оценувачите беа добро подготвени. Се разбира, и учениците сериозно го сфатија процесот. Годинава првпат се полагаше по нова концепција која предвиде три типа на матура, со што сите ученици се тестираа по материјалот кој реално го изучувале во четирите години на средно образование, што не беше случај во минатото кога сите се тестираа по еден ист материјал. Задоволна сум што две години по ред се одржува речиси идентичен просек, за разлика од 2024 година кога изнесуваше 3,26“, рече Јаневска, која им честиташе на тие што ја положија со што стекнаа услов за запишување на факултет или директно да влезат на пазарот на труд.

Од вкупно пријавени 14 587 ученици за полагање на матурата, 12 184 биле пријавени да полагаат државна матура, 2276 ученици за државна стручна матура и 127 пријавени за државна уметничка матура. На полагањето не дошле 348 пријавени или 2,39 отсто отсуствувале од испитите.

Најголем дел од учениците избрале државна матура. Забележливо е подобар успех на оценката за мајчините јaзици во сите три типа матура, како и за математика и за другите странски јазици (германски, француски, италијански и руски), каде што просекот е над 4. Овие јазици ги полагаат помалку кандидати и се ученици само од гимназиите.

Одделно по предмети, просечниот успех по мајчин јазик е 3,93, по англиски јазик е 3,31. Просекот по математика е 4,20. Учениците кои полагаа француски јазик остварија просечна оценка од 4,50, по германски јазик 4,70.  Руски 4,71, италијански 4.50. По историја просечната оценка е 4,16.

Јаневска посочи и дека годинава немало препишувачи како до пред две години.

На 226 ученици им е поништен тестот и тие ќе полагаат повторно во август. Дел се фатени како препишуваат на самиот испит, а за дел е утврдено дека препишувале откако им се прегледани тестовите.

Како што рече директорката на Државниот испитен центар, отстранети се ученици кои препишувале или користеле е-уреди, а поништени се и оние тестови кај кои при оценувањето, особено кај есеите, е забележано дека има идентични текстови. Тоа наведува, рече таа, дека или си помагале или се снашле, но и тоа е санкционирано.

Соопшти дека биле поднесени 805 приговори, односно 2,86 проценти од вкупниот број матуранти што полагале. Прифатени биле за дел од матурантите, односно 0,95 проценти од поднесените приговори. Увид во тестовите извршиле 133 ученици.

Учениците на кои им е поништен тестот, заедно со оние кои отсуствувале во јуни, ќе може да полагаат во августовската сесија. Таа ќе се реализира на 12 август (изборен екстерен испит) и на 14 август кога е полагањето на задолжителниот испит. т.е. тестот по мајчин јазик.

Пријавени за државна матура за август се 1328 кандидати, за стручна 126 и за уметничлка матура се пријавени шест ученици.

Министерката за образование, пак, додаде дека ни претстои драстично намалување на запишани првоодделенци во основните училишта.

„Бројот во основните училишта е значително намален и во овој момент се движи околу 4.900 првачиња помалку од лани. Ќе се допишуваат во овој период бидејќи дел од нив сè уште не се пријавени. Но, колку и да се запишат, уште две илјади да се запишат, ќе бидеме најмалку со 3.000 првачиња помалку. Бројот може да опадне, но е страшно голем во однос на демографијата. Тој тренд го очекуваме и следната година, што е поразително за оваа земја“, изјави Јаневска.

Повеќе
Двајца израелски војници убиени во експлозија на југот од Либан
Американските маринци ги одржаа првите вежби со беспилотни летала со огнено оружје во Јужна Кореја
Карни: Канада недвосмислено го поддржува Меѓународниот кривичен суд
Јапонската премиерка Такаичи не ги потврди ненуклеарните начела по 81 година
Трамп негира недостиг на клучна муниција и им се закани со затвор на „свиркачите“
Ел-Сајед одговори на нападите на Трамп дека е „комунист“ и „радикал“
Дрон натоварен со експлозив пронајден во близина на украински товарен авион во Германија
Турк: Иран егзегутирал најмалку 56 лица од март годинава
Ердоган: Предлог законот „Туркије без терор“ означува пресвртница во ставањето крај на тероризмот
ЕУ ќе ѝ даде на Украина 1,4 милијарди евра камата од замрзнатите руски средства
Турскиот парламент го прими предлог-законот за спроведување на процесот „Туркије без терор“
Куртулмуш: Националниот закон за солидарност е важен чекор кон „Туркије без тероризам“
Макрон: ЕУ ќе го засили притисокот врз Русија преку санкции и воена поддршказа Украина
Бразил го намали нивото на дипломатските односи со Аргентина
Британскиот премиер размислува за спроведување јавна истрага за Епстин