Претседателот на Одборот за надворешни економски односи (ДЕИК), Наил Олпак, изјави дека производствениот капацитет на Северна Македонија, особено во секторите електрична опрема, хемија и текстил, претставува природна влезна точка за турските компании кои сакаат да ги диверзифицираат мрежите на синџири на снабдување во Европа, јавува Анадолу.
На Бизнис-форумот Туркије-Северна Македонија, организиран од ДЕИК во Истанбул, присуствуваа премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, министерот за трговија на Туркије, Омер Болат, министерот за транспорт и инфраструктура на Туркије, Абдулкадир Уралоглу, првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања на Северна Македонија, Беким Сали, министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија, Тимчо Муцунски, претседателот на ДЕИК, Наил Олпак, и голем број бизнисмени.
Олпак во своето обраќање истакна дека економските односи меѓу Туркије и Северна Македонија претставуваат едно од најсилните економски партнерства на Балканот.
Нагласувајќи дека силните политички врски, Договорот за слободна трговија и турските инвестиции ја сочинуваат основата на оваа економска соработка, Олпак посочи дека процесот на пристапување на Северна Македонија во Европската Унија (ЕУ) напредува и дека новите инфраструктурни проекти придонесуваат за трансформацијата на земјата.
„Туркије, исто така, нуди значајни инвестициски можности. Нашиот вкупен надворешнотрговски обем надмина 820 милијарди долари. Во енергетиката, индустријата, земјоделството, инфраструктурата и одбраната нудиме широки можности. Дополнително, нашиот производствен и извозен капацитет заснован на висока технологија сè повеќе привлекува глобално внимание. Ги поканувам компаниите од Северна Македонија искрено да инвестираат во нашата земја и да ги искористат понудените можности за инвестиции. Постојат некои области во кои можеме дополнително да го продлабочиме нашето партнерство. Производствениот капацитет на Северна Македонија, особено во секторите електрична опрема, хемија и текстил, претставува природна влезна точка за турските компании кои сакаат да ги диверзифицираат синџирите на снабдување во Европа“, рече тој.
Олпак истакна дека слободните економски зони, проширените патни и железнички мрежи и стратегиската позиција на Северна Македонија на паневропските транспортни коридори создаваат значајни можности за турските градежни и логистички компании.
Претседателот на ДЕИК, Олпак, рече: „Оддалечувањето од јаглен и насочувањето кон обновливи извори на енергија во Северна Македонија претставува важно поле за соработка, каде што експертизата на Туркије во соларна енергија, ветерна енергија и енергетска ефикасност може да додаде вредност.“
Тој истакна дека турските компании инвестираат во Северна Македонија во банкарство, производство, здравство и образование, но дека ограничените финансиски можности и недостигот на квалификувана работна сила се меѓу главните пречки за понатамошно проширување на инвестициите и активностите.
„Вербата ги поместува планините. Но за успех, вербата мора да биде поддржана со конкретни чекори и активности“, додаде Олпак.
- „За турските компании, Северна Македонија е стратегиска база на Балканот“ -
Претседателот на Бизнис-советот Туркије-Северна Македонија при ДЕИК, Билал Кара, изјави дека како бизнисмен со долгогодишно искуство во Северна Македонија има значително познавање за пазарот.
„За турските компании, Северна Македонија не е само пазар. Таа е и стратегиска база на Балканот, центар за пристап до регионалните вредносни синџири, земја што нуди конкурентни услови и постојано го подобрува деловното опкружување“, рече Кара.
Тој нагласи дека за македонските компании Туркије ја нуди силна индустриска инфраструктура, претприемачки дух, технолошки капацитет и пристап до пошироки регионални пазари, додавајќи дека двете земји веќе имаат силни политички односи и блиски врски меѓу народите.
Кара истакна дека задачата на бизнис-заедницата е да ја претвори позитивната атмосфера меѓу двете земји во конкретни резултати, нагласувајќи дека новите инвестиции, трговски врски, заеднички потфати и долгорочна соработка се клучни елементи на овој процес.
Тој додаде дека најважен елемент се конкретните чекори и ефикасните механизми за следење, наведувајќи:
„Треба да ги поврземе вистинските компании, подобро да ги разбереме меѓусебните капацитети и да ги претвориме денешните контакти во проекти. Секој состанок и секоја разменета визит-карта може да биде почеток на нова успешна приказна. Инвеститорите не бараат само можности, туку и доверлива средина. Предвидливоста, транспарентноста и институционалниот континуитет се основа за одржливи инвестиции. Зајакнувањето на овие области ќе поттикне повеќе компании да донесуваат храбри и долгорочни инвестициски одлуки.“



















