Македонскиот премиер Христијан Мицкоски, најави дека пратениците во Собранието многу скоро ќе имаат можност да гласаат за Законот за правична застапеност.
Говорејќи од собраниската говорница, Мицкоски рече дека не сака граѓаните да се гледаат низ етнички проценти, туку преку квалитет и „низ објективна оптика“.
Неговите коментари дојдоа како одговор на прашањето од пратеникот Скендер Реџепи од Европскиот фронт, поврзано со уставните измени и јазичната политика во земјата.
Мицкоски нагласи дека секој граѓанин има право да го користи својот мајчин јазик, но рече дека „некој се обидува да создаде етнички конфликт таму каде што го нема“.
Тој изјави дека државата се гради преку меѓусебна поддршка меѓу заедниците и дека соживотот се зајакнува кога граѓаните се поддржуваат едни со други, без етнички разлики.
„Јас поддржувам да не се гледаме низ призмата на проценти и затоа ќе имате можност многу скоро во Собранието да гласате за Законот за правична застапеност, каде што процентите не се важни туку квалитетот. Очекувам поддршка“, рече премиерот.











