Нови израелски напади на Газа, Агенцијата за палестински бегалци е во лоша состојба, Путин смета дека сите држави треба да добијат гаранции за безбедноста. Слушате блиц вести на ТРТ Балкан на македонски јазик. Денеска е среда 28 Мај.
Најмалку три жртви во израелски напад на центар за хуманитарна помош во Газа
Израелските сили убија тројца Палестинци и ранија уште 46 други во напад врз центар за дистрибуција на хуманитарна помош во Рафа, јужна Газа, соопшти канцеларијата за медиуми на владата во Газа.
Канцеларијата ја обвини израелската армија за масакр врз гладни цивили, велејќи дека жртвите се собрале во таканаречените „безбедносни зони“ каде што Израел поставил центри за помош. Седум лица сè уште се водат како исчезнати, соопшти канцеларијата.
Њујорк тајмс: Американски претставници веруваат дека Израел може без предупредување да го нападне Иран
Американските претставници се загрижени дека Израел би можел да започне напади врз Иран поради нуклеарната програма на таа земја без претходно предупредување, објави денес „Њујорк тајмс“.
Во извештајот се наведува дека американските разузнавачки служби веруваат дека Израел би можел да се подготви за напад за само седум часа, давајќи им на САД време да извршат притисок врз израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да се откаже од таков план.
Лазарини: Агенцијата за палестински бегалци е во лоша состојба
Директорот на агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА), Филип Лазарини, денеска изјави дека финансиите на УНРВА се во многу лоша состојба и дека на агенцијата ќе ѝ биде потребна помош за да продолжи со својата работа по јуни.
УНРВА вчера објави дека само шест од 22-та здравствени центри на ова тело на ОН се оперативни во Појасот Газа поради постојаните израелски напади.
Путин: Сите држави мора да добијат гаранции за нивната безбедност
Новата безбедносна архитектура мора да биде еднаква и неделива - сите држави мора да добијат гаранции за својата безбедност, но не на сметка на другите, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин на Меѓународната конференција на високи претставници за безбедносни прашања што се одржува во Москва.
Рускиот претседател, исто така, изјави дека Евроазија е важно место на мир и стабилност.
„Важно е нашиот континент да стане област на мир и стабилност, пример за одржлив економски, социјален и културен развој“, рече Путин.
Зеленски: Русија распореди 50 000 војници во близина на Суми во Северна Украина
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија распоредила 50.000 војници во близина на регион Суми во северна Украина, но додаде дека Киев презел чекори за да ја спречи Москва да започне голема офанзива таму.
Регионот Суми се граничи со рускиот Курски регион, каде што Украина претходно со месеци зазеде и држеше дел од територијата, пред да биде речиси целосно потисната минатиот месец.
Тоа е се за денешните блиц вести. За повеќе посетете нѐ на macedonian.trtbalkan.com
