Цените на нафтата пораснаа по нови тензии во Ормускиот теснец и покрај прекинот на огнот. ОН ги осуди израелските напади во Либан поради зголемени цивилни жртви. Шпанија бара од ЕУ да го замрзне договорот со Израел по ескалацијата. ММФ предупредува: растот на воените буџети не гарантира долгорочен економски напредок. Во Скопје, цените на становите растат.
Слушате Блиц вести на ТРТ Балкан на македонски, денеска е четврток 9 април
Цените на нафтата скокнаа- Oрмуз повторно блокиран и покрај прекинот на огнот
Цените на суровата нафта Брент пораснаа за 2,5% во четврток, намалувајќи ги претходните големи загуби, откако извештаите на иранските медиуми и обновените прекини во Ормускиот теснец покренаа нови сомнежи за прекинот на огнот постигнат со посредство на САД и ги зголемија загриженостите за глобалните испораки на нафта. Фјучерсите за суровата нафта Брент се тргуваа околу 97 долари за барел до 5:50 часот по Гринич, откако паднаа за повеќе од 16% на 90 долари во среда, што е нивното најниско ниво за повеќе од еден месец.
Генералниот секретар на Обединетите нации ги осуди масовните напади на Израел низ Либан
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, денес ги осуди масовните напади на Израел низ Либан во средата, а во кои беа убиени и повредени стотици цивили, вклучувајќи и деца. „Генералниот секретар остро го осудува губењето на цивилни животи и е длабоко вознемирен од зголемениот број жртви“, изјави портпаролот на Гутереш, Стефан Дижарик.
Шпанија бара ЕУ да го суспендира договорот за соработка со Израел од 1995 г. по нападот во Либан
Шпанскиот премиер Педро Санчез во среда ја повика Европската Унија да го суспендира Договорот за асоцијација со Израел од 1995 година, кој ги регулира трговијата и политичката соработка, по новиот бран израелски напади врз Либан. „Денес, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го започна својот најжесток напад врз Либан од почетокот на офанзивата“, рече Санчез на социјалната мрежа на американската компанија X.
ММФ: Половина од светот ги зголеми воените буџети
Речиси половина од земјите во светот ги зголемиле воените буџети во последните години, но таквите трошоци немаат цврста основа за долгорочен економски раст, се наведува во најновиот извештај на Меѓународниот монетарен фонд. Според анализата, зголемувањето на воените расходи може краткорочно да ја поттикне приватната потрошувачка и инвестициите и да донесе умерен раст на среден рок, главно поради акумулација на капитал и повисока продуктивност.
И за крај на денешниот блиц…
Цените на становите во Скопје се зголемиле за 16,7% на годишно ниво
Цените на становите во Скопје во првиот квартал од годинава се зголемиле за 16,7 проценти на годишно ниво, додека на квартално ниво растот е минимален и изнесува 0,1 процент, покажува индексот на цени на недвижности. Иако растот продолжува, податоците укажуваат на постепено забавување во однос на минатата година, кога цените бележеа значително повисоки стапки на раст во сите квартали, објави МРТ.
Тоа е сѐ за денешните блиц вести. За повеќе посетете нѐ на macedonian.trtbalkan.com
