ММФ одобри заем од 8,1 милијарда долари за Украина, Венс порача дека САД нема да влезат во долготрајна војна на Блискиот Исток. Авганистан го прекина нападот врз Пакистан по загинати војници. Во Германија јавниот превоз запре поради 48-часовен штрајк; Нетфликс се повлече од наддавањето за Ворнер Брос, оставајќи го Парамаунт во водство.
Слушате Блиц вести на ТРТ Балкан на македонски, денеска е петок 27 февруари
ММФ одобри заем од 8,1 милијарда долари за Украина
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) вчера соопшти дека неговиот Извршен одбор одобрил четиригодишен заем во износ од 8,1 милијарда долари за Украина, при што веднаш ќе бидат исплатени околу 1,5 милијарди долари. „Украина и нејзиниот народ издржаа долга и разорна војна повеќе од четири години со извонредна издржливост“, изјави управната директорка на ММФ, Кристалина Георгиева.
Венс: Не постојат шанси САД да влезат во долготрајна војна на Блискиот Исток
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс вчера изјави дека додека претседателот на САД, Доналд Трамп, ја разгледува можноста за воени напади врз Иран, не постојат шанси САД да се вклучат во долготрајна војна. Во изјавата за „Вашингтон пост“ Венс рече дека не ја знае конечната одлука на Трамп, посочувајќи дека опциите се движат од воена акција „за да се осигури дека Иран нема да дојде до нуклеарно оружје“ до дипломатски решенија.
Авганистан го прекина одмаздничкиот напад врз Пакистан по загинати војници
Најмалку осум авганистански и двајца пакистански војници беа убиени во четврток откако Авганистан започна, како што ја нарече, операција за одмазда по должината на границата, соопштија официјални лица. Заменик-портпаролот на авганистанската влада, Хамдула Фитрат, рече дека четиричасовната битка завршила на полноќ по локално време. Тој ја потврди смртта на осум авганистански војници и тврдеше дека 55 пакистански војници биле убиени во борбите.
Автобусите, возовите и метрото запреа во Германија поради 48-часовниот штрајк
Јавниот превоз низ цела Германија беше прекинат денес, бидејќи илјадници транзитни работници започнаа 48-часовен штрајк. Метрото, трамваите и автобусите престанаа да сообраќаат или работеа по ограничени вонредни распореди почнувајќи од 3 часот наутро (02:00 GMT) во петок. Редовните услуги треба да продолжат во 3 часот наутро во недела. Шпицот утрово донесе најтешки прекини во поголемите градови, вклучувајќи ги Берлин, Хамбург, Келн, Дизелдорф, Франкфурт, Штутгарт и Минхен, каде што автобуските, метро и трамвајските услуги беа во голема мера откажани.
И за крај на денешниот блиц…
Нетфликс се откажа од „војната“ со наддавање за Ворнер Брос, победи Парамаунт на Елисон
„Нетфликс“ соопшти дека нема да ја зголеми понудата за наддавање за мултимедијалниот гигант „Ворнер Брос. Дискавери“ (WBD) откако одборот на стриминг сервисот утврди дека ревидираната понуда од „Парамаунт Скајденс“ не може да се надмине без договорот за нив да стане финансиски неисплатлив. Со ова конечно завршува повеќемесечната „војна“ со наддавање која покрај финансиски и медиумски импликации има и политичка позадина.
Тоа е сѐ за денешните блиц вести. За повеќе посетете нѐ на macedonian.trtbalkan.com
