Прифатена иницијативата за дислокација на УСЈЕ, Втората фаза од договорот за прекин на огнот во Газа се очекува на почетокот на Новата Година, Зеленски е подготвен за средба со Трамп. Слушате блиц вести на ТРТ Балкан на македонски за петок 26 декември.
Прифатена иницијативата за дислокација на УСЈЕ
Советот на Град Скопје на вчерашната седница по 13 часовна дебата едногласно ја усвои иницијативата на „Зелен Хуман Град” за дислокација на цементарницата Усје.
„Се задолжува градоначалникот на Град Скопје да се обрати до владата за да го разгледа начинот за започнување на постапка за дислокација на Усје и сите големи индустриски загадувачи на соодветни места надвор од скопската котлина согласно Законот за животна средина и Просторниот план на државата” се вели во иницијативата.
Најавено е дека посветено ќе се следи нејзиното спроведување
Втората фаза од обновата на Газа се очекува на почетокот на 2026
Вашингтон им соопшти на Израел и на регионалните медијатори дека се очекува втората фаза од договорот за прекин на огнот во Газа да започне на почетокот на Новата година.
Израел и Хамас се согласија на двофазен прекин на огнот на 9 октомври со посредство на Египет, Катар и Туркије под покровителство на американскиот претседател Доналд Трамп.
Министерството за здравство на Газа вели дека повеќе од 400 Палестинци оттогаш се убиени поради наводни израелски прекршувања и одложувања во преминувањето кон втората фаза.
Израелски доселенички групи го прошируваат нелегалниот пункт на Западниот Брег
Израелските доселеници кои зазедоа палестинска земја го проширија нелегалниот пункт на населбата во градот Наблус во северниот дел на окупираниот Западен Брег.
Во вчерашното соопштение на правната организација Ал-Баидар се вели дека овој чекор е продолжение на проширувањето на нелегалните населби на палестинска земја, дополнително загрозувајќи ги палестинските заедници во областа и нивните права на земјиште и имот.
Зеленски подготвен за средба со Трамп
Украинскиот претседател Владимир Зеленски изјави дека имал „добар разговор“ со американскиот претставник Стив Виткоф и зетот на претседателот Доналд Трамп, Џаред Кушнер, за ставање на крај на војната.
Зеленски истакна дека е подготвен во скоро време да се сретне со американскиот претседател Трамп. Во соопштение објавено на Телеграм тој истакна дека многу работи можат да бидат решени и пред Нова Година.
САД извршија воздушни напади врз ИСИС (Даеш) во Нигерија
САД по наредба на претседателот Доналд Трамп извршија како што рече тој „моќни и смртоносни“ напади врз цели на ИСИС (Даеш) во северозападниот дел на Нигерија.
Африканската команда на САД (АФРИКОМ) соопшти дека ги започнала нападите „на барање на нигериските власти“ во сојузната држава Сокото, „убивајќи повеќе припадници на ИСИС“.
Тоа беше се за денешните блиц вести. За повеќе информации следете не на macedonian.trtbalkan.com.
