Кина повика на воздржаност по воениот притисок на САД врз Иран; Пирц Мусар порача дека итен договор за Украина е клучен за глобалната безбедност. Пентагон ќе го користи Грок на Маск во класифицирани воени системи. Предложен е закон за условување на употребата на американско оружје во Газа и на Западниот Брег. Поранешниот јужнокорејски претседател се жали на доживотната казна затвор.
Слушате Блиц вести на ТРТ Балкан на македонски, денеска е вторник 24 февруари
Кина повика на воздржаност по воениот притисок на САД врз Иран
Кина повика на „воздржаност“ во услови на засиленото американско воено присуство, во момент кога администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп врши притисок врз Иран да постигне договор за нуклеарната програма. „Кина внимателно ја следи релевантната ситуација. Ги повикуваме сите страни да останат воздржани. Ескалацијата на ситуацијата не е во ничиј интерес“, изјави портпаролката на Министерството за надворешни работи на Кина, Мао Нинг, на прес-конференција во Пекинг.
Пирц Мусар: Итен договор за Украина е клуч за глобалната безбедност
Словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар, на годишнината од војната во Украина, изјави дека мирот во денешниот свет станува „сè поапстрактен концепт“, надвор од дофатот на обичните луѓе, вклучувајќи ги и граѓаните на Украина, каде што војната трае веќе четири години. „Не станува збор само за жените и мажите од оваа земја кои се погодени. Итен договор за иднината на Украина - но не без Украина - е исто така клучен за иднината на Европа и глобалната стабилност“, рече Пирц Мусар.
Пентагон ќе го користи Грок на Маск во класифицирани воени системи
Компанијата за вештачка интелигенција xAI на Илон Маск потпиша договор со кој се дозволува нејзиниот модел Грок да се користи во класифицирани воени системи. Договорот му овозможува на Грок пристап до системи што се користат за некои од најчувствителните анализи на разузнавачки податоци на војската, развој на оружје и операции на бојното поле.
Американски конгресмен предложи закон со кој се условува употребата на американско оружје во Газа и на Западниот Брег
Американскиот конгресмен Шон Кастен вчера претстави предлог-закон со кој се предвидува забрана за употреба на оружје со американско потекло во Газа и на Западниот Брег доколку Израел го прекрши прекинот на огнот од 10 октомври 2025 година, продолжи со анексија или не преземе мерки против насилството на израелските доселеници врз Палестинците. Кастен изјави дека Законот за почитување на прекинот на огнот има за цел да ја усогласи американската воена помош со законите, интересите и вредностите на САД, истовремено зачувувајќи го правото на Израел на самоодбрана.
И за крај на денешниот блиц…
Поранешниот јужнокорејски претседател се жали на доживотна казна затвор за декрет за воена состојба
Поранешниот јужнокорејски претседател Јун Сук Јеол поднесе жалба против неговата пресуда и доживотна казна затвор за водење бунт поврзан со неговиот неуспешен обид за воведување воена состојба во декември 2024 година, објавија локалните медиуми во вторник. Адвокатскиот тим на Јун ја поднесе жалбата пет дена откако Централниот окружен суд во Сеул го осуди на доживотна казна затвор, според новинската агенција Јонхап.
Тоа е сѐ за денешните блиц вести. За повеќе посетете нѐ на macedonian.trtbalkan.com
