Зеленски смета дека Украина станала посилна за време на војната, но ндедоволно силна да го порази Путин, Нетанјаху патува за САД, утре ќе има средба со Трамп, три лица убиени на Фестивалот за храна во Сиетл. Слушате блиц вести на ТРТ Балкан на македонски за понеделник 27 јули.
Зеленски: Украина стана посилна за време на војната но не доволно за да го запре Путин
Претседателот на Украина Володимир Зеленски денеска изјави дека земјата станала посилна во текот на повеќе од четиригодишната војна со Русија, но сè уште нема воена сила потребна за да го запре рускиот претседател Владимир Путин.
Во интервју за Скај њуз, Зеленски рече дека Украина го проширила своето домашно производство на оружје, вклучувајќи беспилотни летала и ракети, и започнала напади со долг дострел во Русија за да го зголеми притисокот врз Москва.
Летонија планира да ги отстрани сообраќајните знаци што покажуваат кон Русија и Белорусија
Летонија планира да ги отстрани или промени сообраќајните знаци што означуваат дестинации во Русија и Белорусија, изјави министерот за транспорт Рихардс Козловскис, велејќи дека ваквите знаци повеќе не се потребни.
Се работи за 235 сообраќајни знаци чие отстранување и промена ќе чини 120 000 евра.
Нетанјаху денеска патува за САД, утре ќе се сретне со Трамп
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска ќе отпатува за Вашингтон, а утре ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа, објави канцеларијата на израелскиот премиер.
Како што е најавено, Нетанјаху ќе присуствува и на комеморацијата за смртта на поранешниот сенатор Линдзи Греам.
Три лица убиени, петмина ранети во пукање на Фестивалот на храната во Сиетл
Три лица загинале, а петмина биле повредени, вклучувајќи и двегодишно дете, во пукотница на Фестивалот на храна во Сиетл, САД.
Пукањето се случило малку по 18 часот синоќа по локално време, недалеку од кулата „Спејс Нидл“, по која е познат овој град.
Порано, властите објавија дека две лица се убиени, а пет се ранети, но во меѓувреме, полицијата објави дека починало и трето лице.
Северна Кореја го отфрли повикот на АСЕАН за денуклеаризација
Северна Кореја денеска го отфрли обновениот повик на Регионалниот форум на Здружението на земјите од Југоисточна Азија за целосна денуклеаризација на Корејскиот Полуостров како „глупав обид“.
Пјонгјанг, исто така, инсистираше дека нејзиниот статус како држава со нуклеарно оружје е „конечен и неповратен“.
Тоа беше се за денешните блиц вести. За повеќе информации следете не на macedonian.trtbalkan.com.
