Венецуела со приходите од нафтениот договор ќе купува само американски производи, Колумбија иницира дијалог со Венецуела за да спречи понатамошна нестабилност, Трамп нареди повлекување на САД од 66 меѓународни организации. Слушате блиц вести на ТРТ Балкан на македонски за четврток 8 јануари.
Венецуела ќе купува само американски производи со приходите од нафтениот договор
Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека Венецуела се согласила приходите од новиот нафтен договор да ги користи исклучиво за купување производи произведени во САД.
Во објава на неговата социјална мрежа TruthSocial, Трамп наведе дека договорот опфаќа купување американски земјоделски производи, лекови, медицински уреди и опрема, како и средства наменети за подобрување на електричната мрежа и енергетските капацитети на Венецуела.
Колумбискиот претседател ја повика на разговор за стабилност привремената лидерка на Венецуела
Колумбискиот претседател Густаво Петро изјави вчера дека разговарал со привремената претседателка на Венецуела, Делси Родригез, и ја поканил во Колумбија, додека Богота се залага за дијалог за да се спречи „понатамошна нестабилност“ во соседната земја.
Петро додаде дека предложил глобален дијалог за стабилизирање на Венецуела и рече дека ќе ја покрене идејата на евентуален состанок во Белата куќа со американскиот претседател Доналд Трамп.
Кина: Заплената на странски бродови од САД го крши меѓународното право
Кина го осуди запленувањето на странски бродови во меѓународни води од страна на Соединетите Американски Држави, велејќи дека таквите дејствија сериозно го кршат меѓународното право.
„Кина отсекогаш се спротивставувала на нелегалните еднострани санкции без основа на меѓународното право и без одобрение од Советот за безбедност на Обединетите нации“, изјави портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг, на прес-конференција
Трамп нареди повлекување на САД од 66 меѓународни организации
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера потпиша „Претседателски меморандум“ со кој им се наложува на владините агенции да се повлечат од 66 меѓународни организации за кои администрацијата вели дека повеќе не им служат на американските интереси.
Според Белата Куќа меморандумот им наложува на сите извршни оддели и агенции да престанат со учество и финансирање на 35 организации кои не се членки на Обединетите нации (ОН) и 31 субјект на ОН кои дејствуваат спротивно на националните интереси, безбедноста, економскиот просперитет или суверенитетот на Соединетите Американски Држави.
Линдзи Греам: Трамп даде зелено светло за нови санкции против Русија
Републиканскиот сенатор Линдзи Греам изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп дал зелено светло за законот за нови санкции против Русија и дека за него би можело да се гласа уште следната недела.
Тој го напиша ова на социјалната мрежа X, по средбата со Трамп во Белата куќа.
Тој додаде дека законот ќе му овозможи на Трамп да ги казни оние земји што купуваат евтина руска нафта што ја напојува воената машина на рускиот претседател Владимир Путин.
Тоа беше се за денешните блиц вести. За повеќе информации посетете не на macedonian.trtbalkan.com.
