Американско-иранските преговори продолжуваат во Исламабад, а во Скопје се сретнаа европските градоначалници
Слушате Дневни блиц вести, денес сме четврток 16 април
САД и Иран ќе ги продолжат преговорите во Исламабад
Следната рунда преговори меѓу Соединетите Американски Држави и Иран најверојатно ќе се одржи во Исламабад, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит. Наводно има значителен напредок во преговорите за нуклеарната програма на Иран, а Пакистан се надева дека ќе постигне опиплив договор.
Ердоган упати сочувство по пукањето во турско училиште
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган упати сочувство и желби за брзо закрепнување до сите погодени од пукањето во училиште во турската покраина Кахраманмараш, велејќи дека нападот „длабоко ја растажи Туркије, особено саканите деца“. Девет лица загинаа, а 13 се повредени, од кои шест критично, изјави турското МВР.
Најмалку 2 загинати, 18 повредени во руски воздушен напад врз Киев
Во руски воздушен напад изведен синоќа врз украинскиот главен град Киев загинаа најмалку две лица, а 18 се повредени, додека експлозиите потресоа неколку подрачја, соопшти утрово градоначалникот Витали Кличко.
Прево: Белгија силно го поддржува македонскиот пат кон ЕУ
Белгискиот министер за надворешни работи, европски прашања и развојна соработка, Максим Прево, при официјалната посета на Скопје, изјави дека Белгија, како силен и доверлив сојузник, го поддржува македонскиот пат кон членство во ЕУ.
И за крај на денешниот блиц…
Средба на европските градоначалници во Скопје
Град Скопје беше домаќин на висока меѓународна делегација од европските градови Кемниц, Гориција и Нова Горица, потврдувајќи ја својата посветеност кон зајакнувањето на европската културна соработка во пресрет на титулата Европска престолнина на културата 2028.
Тоа беше сѐ за денешните блиц вести, за повеќе информации следете нѐ на социјалните мрежи
