САД и ЕУ постигнаа трговски договор во Шкотска. Денеска во ОН се одржува конференција за решението со две држави за Израел и Палестина, без учество на САД и Израел. Во железничка несреќа во Германија загинаа најмалку три лица, а околу 50 се повредени. Во северна Газа беше спуштена хуманитарна помош со падобрани поради сериозен недостиг на основни залихи. Во Тајланд, вооружен напаѓач уби четири лица на пазар во Бангкок, а потоа се самоуби.
Слушате Блиц вести на ТРТ Балкан на македонски, денеска е понеделник, 28 јули
ЕУ и САД постигнаа трговски договор
САД и ЕУ постигнаа трговски договор во неделата, со што завршија месеци неизвесност, објави американскиот претседател Доналд Трамп по состанокот со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во Шкотска. „Мислам дека е одлично што денес постигнавме договор, наместо да играме игри“, им рече Трамп на новинарите, заедно со фон дер Лајен, по разговорите во неговиот голф-центар во Тарнбери, Шкотска.
Денеска конференција на ОН за решението со две држави за Израел и Палестина
Десетици министри за надворешни работи ќе се соберат денес во Обединетите нации на конференција посветена на решение за израелско-палестинскиот конфликт со две држави, но САД и Израел ќе го бојкотираат овој состанок, објавија денес американските медиуми. На Генералното собрание на ОН, одржано минатиот септември, беше донесена одлука оваа конференција да се одржи во 2025 година, а домаќините на состанокот - Франција и Саудиска Арабија - ја одложија во јуни откако Израел го нападна Иран, пренесува Ројтерс.
Најмалку три лица загинаа во железничка несреќа во Германија
Најмалку три лица загинале, а околу 50 се повредени во железничка несреќа, вчера во германската сојузна покраина Баден-Виртемберг. Несреќата се случила околу 18:10 часот во близина на градот Ридлинген, во округот Бибера, кога регионален експресен патнички воз на линијата од Зигмаринген до Улмас со околу 100 патници излетал од шините, според германскиот „Билд“.
Хуманитарна помош беше спуштена со падобран во Појасот Газа, кој е под израелски напад и блокада
Падобрани со основни залихи се спуштаат во северна Газа, каде што цивилите се соочуваат со сериозен недостиг на храна, вода и лекови.Во вторникот, Светската програма за храна предупреди дека една третина од населението на Газа поминала неколку дена без храна поради континуираната израелска блокада и напади.
И за крај на денешниот блиц...
Напаѓач уби четворица во Тајланд па се самоуби
Најмалку четири лица се убиени, а уште двајца се повредени во масовно пукање во Бангкок главниот град на Тајланд. Потоа сомничениот напаѓач извршил самоубиство, објавија државните медиуми. Осомничениот отворил оган на пазарот „Ор Тор Кор“ во населбата Чатучак во Бангкок, убивајќи четири лица пред да го насочи пиштолот кон себе, објави државната телевизија „Тај ПБС“.
Тоа е сѐ за денешните блиц вести. За повеќе посетете нѐ на macedonian.trtbalkan.com
