Суданската Армија и РСФ се согласија за хуманитарен план за примирје. Израел ослободи палестински притвореници од Газа. САД и Јужна Кореја ја зајакнуваат соработката за нуклеарни подморници. Германскиот канцелар го покани сирискиот претседател во Берлин. Финска предупредува на „нова нуклеарна ера“.
Слушате Блиц вести на ТРТ Балкан на македонски, денеска е вторник, 4 ноември
Американски советник: Суданската Армија и РСФ се согласиja за хуманитарен план за примирје во Судан
Високиот советник на САД за арапски и африкански прашања, Масад Булос, изјави дека се во тек напори за постигнување хуманитарно примирје во Судан, откако суданската Армија и паравоените Сили за брза поддршка (RSF) се согласиле во принцип со почетен план. „Двете страни се согласија во принцип и досега немаме забележано почетни приговори од ниту една од нив. Сега се фокусираме на фините детали“, изјави Булос вчера, пренесе порталот „Судан трибјун“.
Израелската Армија ослободи палестински притвореници од Газа по месеци притвор
Неколку палестински притвореници од Појасот Газа се ослободени од израелската Армија по месеци притвор, соопшти Канцеларијата за информации за затворениците, управувана од Хамас. Во соопштението, Канцеларијата соопшти дека притворените се ослободени на преминот Керем Шалом во јужна Газа, без да се прецизира нивниот број или нивната здравствена состојба.
Шефот на Пентагон вели дека САД ќе соработуваат тесно со Јужна Кореја за нуклеарни подморници
Министерот за одбрана на САД Пит Хегсет во вторникот изјави дека САД ќе соработуваат тесно со Јужна Кореја за нуклеарни подморници и ги нарече врските со Сеул „од витално значење“. Зборувајќи на заедничка прес-конференција заедно со јужнокорејскиот министер за одбрана Ан Гју-бек по годишниот Консултативен состанок за безбедност (SCM) во Сеул, Хегсет рече дека двете страни се согласиле да ја зајакнат одбранбената соработка, да ја модернизираат алијансата и да ја прошират заедничката индустриска соработка.
Германскиот канцелар Мерц го покани сирискиот претседател ал-Шара во Берлин на разговори
Германскиот канцелар Фридрих Мерц го покани сирискиот претседател Ахмад ал-Шара во Берлин на разговори за билатералните односи и миграцијата. Во понеделник вечерта, канцеларот Мерц рече дека сака да разговара за политичката транзиција на Сирија, економското закрепнување и враќањето на сириските бегалци со ал-Шара. „Граѓанската војна во Сирија заврши и на земјата сега ѝ се потребни сите свои ресурси - пред сè сирискиот народ - за да ја обнови земјата“, рече конзервативниот лидер, додавајќи дека се очекува сириските бегалци да почнат да се враќаат во својата татковина.
И за крај на денешниот блиц...
Финскиот претседател предупредува на „нова нуклеарна ера“ поради зголемените безбедносни закани
Финскиот претседател Александар Стаб предупреди дека светот влегол во „нова нуклеарна ера“, бидејќи глобалните безбедносни тензии се интензивираат, а улогата на нуклеарното оружје расте. Зборувајќи на отворањето на 254-от Национален курс за одбрана на Финска во Хелсинки во понеделник, Стаб рече дека безбедносната средина на земјата станала „построга отколку што би сакале“, првенствено поради тековната војна на Русија во Украина.
Тоа е сѐ за денешните блиц вести. За повеќе посетете нѐ на macedonian.trtbalkan.com
