Какаото е клучна состојка зад омилениот десерт - чоколадото во кое уживаме без многу да размислуваме од каде доаѓа. Но со секое залче, ја вкусуваме и сложената приказна за експлоатација на трудот и нееднаквоста. Во оваа епизода, ќе разоткиреме зошто земјите кои најмногу одгледуваат какао имаат најмалку придобивки.
Да започнеме во Западна Африка, каде според што Меѓународната организација за какао се одгледуваат 70 отсто од насадите.
Брегот на Слоновата Коска и Гана се најголемите производители на какао во светот. Но интересно е да се забележи дека какаото не потекнува од овој регион, туку од дождовните шуми на Амазон во Јужна Америка.
Одгледувањето какао во Африка започнало 19 век. Португалците го вовеле за да го задоволат европскиот пазар во текот на колонијалната ера. Но, наместо да развијат индустрија за чоколадо, тука какаото се одгледува како суровина, а потоа се извезува за обработка и додадена вредност. И по стекнувањето независност во овие држави не се промениле околностите.
Милиони мали земјоделци напорно работат за да ги соберат зрната кои ја снабдуваат индустријата за чоколадо вредна милијарди долари, но добиваат минимален надомест за својот труд.
Според Аба Бело, извршен директор на Нигериската банка за извоз и увоз, индустријата за какао во која се вклучени зрната, колачите и чоколадите создава приходи од 200 милијарди долари годишно. Но, во Западна Африка се влеваат само 10 милијарди, додека Германија која не произведува ниту едно зрно какао има приход од речиси 60 милијарди долари.
Но, како дојде до ова? Одговорот лежи во начинот на кој се тргува со какаото. Африканските земји обично извезуваат сурови зрна какао, кои се сметаат за нисковредни стоки. Земјоделците на какао ги продаваат своите зрна на меѓународни трговци кои потоа ги извезуваат и ги обработуваат на друго место.
Големите компании ги поставуваат цените, додека земјоделците немаат контрола над заработката. Земјите кои ги претвораат зрната во чоколадо и други производи го собираат профитот.
Според Фондацијата за правична трговија, за секоја продадена чоколадна табла, само околу 6% од цената се враќа кај земјоделецот. Преостанатите 94%? Тие се делат меѓу трговците и производителите, при што големите мултинационални компании имаат најголем дел од колачот.
Сепак, има обиди ова да се промени. Нигерија и Гана воспоставија одбори за маркетинг на какао за да се осигураат дека нивните земјоделци ќе добијат подобри цени.
Една успешна приказна е култната Куќа на какото во Ибадан, Нигерија, инаку првиот облакодер во Западна Африка. Објектот е изграден со средства од извозот на какао. Иако ова е позитивен пример и натаму има многу предизвици.
Според Патрик Опку од Бизнис школата на Универзитетот во Гана африканските земји треба да се фокусираат на зголемување на вредноста на какото, наместо на зголемување на извозот на суровини. За дополнителни приходи предлага да се користат остатоците за козметика и иновативни производи. Исто така тој се залага за брзо спроведување на Африканската континентална зона за слободна трговија, која би ги намалила трговските бариери и би го олеснила тргувањето и обработката на производите од какао во Африка.
Меѓутоа проблемот не лежи само во приходите, туку и во влошената клима, тешките услови за работа, квалитетот на насадите, недоволната модернизација, и променливите цени. Сите овие работи се од суштинско значење за воспоставување просперитетна индустрија за чоколадо. Повеќето земјоделци живеат со помалку од 1 долар на ден. Во некои случаи, се злоупотребува и детскиот труд што ја влошува неправдата.
Но сè уште постои надеж. Иницијативи како „Фер Трговија“ имаат цел земјоделците да добиваат подобри цени и да работат во побезбедни услови. Овие програми се чекор кон поправедна компензација, иако покриваат само мал дел од индустријата.
За вистинска, системска промена потребни се големи промени во тоа како функционира индустријата за какао – од глобалниот пазар па сè до потрошувачите кои не можат без чоколадо.
Еден од чекорите е паралелно да се развива и млечната индустрија во Африка за поголемо локално производство и снабдување со чоколадо. Секако непходна е промена на рамнотежата на глобално ниво бидејќи се дотогаш земјите кои најмногу одгледуваат како и натаму ќе бидат најмногу обесправени.
Ви благодарам што ја слушавте оваа епизода и до следниот пат, останете информирани
