Македонските синдикалци ќе протестираат за повисоки плати, а Зеленски е подготвен за средба со Путин за мировниот план
Слушате Дневни блиц вести, денес сме среда 28 јануари
ССМ ги повика македонските работници на протест за повисоки плати
Сојузот на синдикати на Македонија ги повика работниците да излезат денес на протест за зголемување на минималната плата на 600 евра, која инаку е најниска во регионот. Владата порача дека ќе го поддржи секое решение меѓу синдикатите и работодавачите, а во март ќе следи законското зголемување на минималната плата.
Франција му возврати на Руте дека Европа не може сама да се брани
Европа може и мора да преземе одговорност за сопствената безбедност, изјави францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро, како одговор на изјавите на Марк Руте генералниот секретар на НАТО дека континентот не може да се одбрани без Соединетите Американски Држави.
Сикорски: Старлинк и Илон Маск заработуваат од воени злосторства
Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски го обвини милијардерот Илон Маск дека со неговиот сателитски интерес сервис Старлинк заработува од воени злосторства кои ги вршат руските сили во Украина. Маск негира дека Русија има пристап до Старлинк на военото поле.
УПС ќе отпушти уште 30.000 вработени годинава
Поштенскиот и курирски гигант УПС ќе отпушти уште 30,000 вработени во текот на годината поради намалениот обем на соработка со доставата на пратки преку Амазон, но и поради воведување автоматизација. Така работната сила на УПС ќе се намали за дури 78.000 позиции за две години.
И за крај на денешниот блиц…
Зеленски е подготвен да се сретне со Путин за мировниот план
Украинскиот претседател Владимир Зеленски е подготвен да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин за решавање на најспорните точки од предложениот мировен план за ставање крај на војната со посредство на САД и Трамп. Средбата може да се одржи на почетокот на февруари.
Тоа беше сѐ за денешните блиц вести, за повеќе информации следете нѐ на социјалните мрежи
