Девет Палестинци загинаа во новите израелски напади во Газа, Кина ги осуди нападите врз цивилите во Газа, сенатори од САД најавуваат санкции кон Бразил, Кина и Индија поради купување руска нафта, турскиот претседател Ердоган ја истакна важноста од членството на Турската Република Северен Кипар во меѓународните групации на туркиски и исламски земји. Следите блиц вести на ТРТ Балкан на македонски јазик за понеделник 21 јули.
Девет Палестинци загинаа во новите израелски напади во Газа
Најмалку девет Палестинци се убиени, а десетина повредени во последните израелски воздушни напади врз Газа, објави палестинската новинска агенција Вафа.
Петмина Палестинци беа убиени, а други беа повредени во напад на израелската армија насочен кон шатор во кој се сместени раселени лица во областа Ал-Маваси, западно од Кан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа.
Во израелски напад со беспилотно летало загинаа уште двајца цивили, а неколку други беа ранети во кружниот тек ал-Назла во Џабалија, северна Газа.
Уште двајца Палестинци ги загубија животите во израелски воздушен напад во јужниот дел на Деир ал-Балах во централна Газа.
Кина: Осуда за нападите врз цивили во Газа и кршење на меѓународното право
Кина ги осуди израелските напади врз цивилите во Газа, истакнувајќи дека Пекинг се спротивставува на кршењето на меѓународното право од страна на Тел Авив.
„Се спротивставуваме и ги осудуваме сите потези што им штетат на цивилите и го кршат меѓународното право“, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи, Гуо Џиакун, на прес-конференција во Пекинг.
Сенатор, сојузник на Трамп најавува санкции за Кина, Индија и Бразил поради набавка на руска нафта
Американскиот сенатор Линдзи Грахам во интервју за “Фокс Њуз” изјави дека Кина, Индија и Бразил наскоро ќе се соочат со последици поради нивните постојани набавки на руска нафта.
Грахам посочи дека овие три земји, кои купуваат околу 80 % од руската нафта, ќе бидат казнети затоа што, според него, директно ја поддржуваат воената кампања на рускиот претседател Владимир Путин во Украина.
„Она што ќе се случи е дека Трамп ќе воведе царини за земјите кои купуваат руска нафта: Кина, Индија и Бразил. Трамп ќе воведе 100 % царина на сите тие земји, казнувајќи ги за помагање на Путин “, рече Грахам.
Со дефиле на 50 делегации започна Европскиот младински олимписки фестивал
Со дефиле на 50 делегации, во Спортскиот центар „Јане Сандански“ вчера започна Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ) Скопје 2025.
Свечената церемонија го означи почетокот на седумдневен спортски и културен спектакл кој ќе ги обедини младите спортисти од цела Европа во духот на фер-плеј, солидарност и пријателство.
ЕМОФ Скопје 2025 ќе вклучува натпревари во 15 спортски дисциплини. Натпреварите ќе се одржуваат во спортски објекти со меѓународен стандард во Скопје и Куманово, додека натпреварите во спортска гимнастика ќе се одржат во Осиек, Хрватска, во соработка со Европскиот и Хрватскиот олимписки комитет.
Ердоган: Турската Република Северен Кипар е дел од туркиските и исламските групации
И покрај напорите на кипарските Грци да се претстават како „единствена власт“ на островот, Турската Република Северен Кипар (ТРСК) сега е претставена во меѓународните групации на туркиски и исламски земји, изјави вчера турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во говорот на парадата по повод Денот на мирот и слободата 20 јули во главниот град на ТРСК, Лефкоша
Ердоган ја повика меѓународната заедница да воспостави врски со ТРСК, и дипломатски и економски, додавајќи дека мора да се дозволат и директни летови и трговија.
Кипарските Турци не можат да си дозволат да изгубат уште 60 години, рече Ердоган, додавајќи дека е време да се надмине „застарениот модел на федерација за островот поддржан од ОН“.
Тоа е се за денешните блиц вести. За повеќе информации посетете не на macedonian.trtbalkan.com.
