Казни за неколку правни лица поради загадување на воздухот во Скопје, Украина го престави мировниот план составен од 20 точки договорен со САД, Либија ја потврди смртта на началникот на армијата Мохамед ал-Хадад во авионската несреќа близу Анкара. Слушате Блиц вести на ТРТ Балкан на македонски за среда 24 декември.
Изречени казни кон правни лица – загадувачи во Скопје
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски објави дека Инспекторатот за животна средина изрекол казни кон правни лица – загадувачи во Скопје, отако во изминатите два дена биле спроведени силни и координирани инспекциски надзори на терен.
Ѓорѓиевски во информацијата што ја сподели во објава на својот Фејсбук профил ги повикува скопјани да пријават потенцијални загадувачи на следниот меил: prijavizagaduvachi@skopje.gov.mk.
Градоначалникот најавува дека нема да застанат тука и оти ќе продолжуваат поинтензивно и поодлучно.
Украина го објави планот од 20 точки за крај на војната договорен со САД
Украина објави комплетен мировен план од 20 точки, создаден заедно со Соединетите Американски Држави, кој треба да стане основен документ за завршување на војната, објавија украинските медиуми.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, нагласи дека Руската Федерација треба да одговори на планот денеска за време на состанокот со американската страна и дека Украина е подготвена за преговори на највисоко ниво, особено во врска со територијалните прашања.
Главните точки на планот се суверенитетот на Украина, кој ќе биде потврден, а сите страни гарантираат почитување на границите.
Една од нив е потпишување на пакт за ненапаѓање меѓу Украина и Русија
Либија ја потврди смртта на началникот на армијата Мохамед ал-Хадад во авионската несреќа близу Анкара
Либиската влада со седиште во Триполи вчера ја потврди смртта на началникот на армијата Мохамед ал-Хадад и четворица негови помошници во авионска несреќа во близина на Анкара.
Турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја претходно изјави дека остатоците од авионот „Фалкон 50“, кој леташе за Триполи, се пронајдени јужно од Хајмана во близина на Анкара.
Според Јерликаја, авионот полетал во 20:10 часот по локално време на пат кон Триполи. Комуникацијата е прекината околу 20:52 часот по локално време.
Џеф Ландри: САД немаат цел да го освојат Гренланд
САД сакаат да „отворат дијалог“ со жителите на Гренланд, без да имаат за цел да го „освојат“ островот, изјави новоназначениот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп во Гренланд.
Во разговор за „Фокс њуз“ вчера Џеф Ландри подвлече дека мора да се водат разговори со жителите на Гренланд за да се разбере што сакаат во иднина.
Вучиќ: Косово е неотуѓив дел од Србија, мораме да работиме на повлекување на признавањата
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека многу регионални и големи светски фактори се впуштиле во нов бран на признавање на како што рече “таканаречената независност на Косово” и истакна дека Србија ќе мора да продолжи со тешката и заморна работа и да работи на повлекување на признавањата.
Вучиќ додаде дека, кога станува збор за признавање на „таканареченото Косово”, станува збор за туѓи претензии не само на територијата на Србија, туку и на целиот регионален простор.
Тоа беше се за денешните блиц вести. За повеќе информации посетете не на macedonian.trtbalkan.com.
