Пет држави ја признаа државата Палестина, пристигнуваат и нови повици за признавање, неидентификувани дронови привремено ги затворија аеродромите во Осло и Копенхаген, Американец уапсен за насочување ласер кон хеликкптер во кој се наоѓал Трамп. Следите блиц вести на македонски јазик за вторник 23 септември.
Франција, Андора, Луксембург, Малта и Монако ја признаа државата Палестина
Пет држави вчера објавија дека ја признаваат државата Палестина.
“Изјавувам дека денес Франција ја признава државата Палестина. Дојде време да се запре војната, бомбардирањето во Газа, масакрите и бегството на луѓето. Ништо не ја оправдува тековната војна во Газа” рече Макрон на меѓународната конференција за Палестина во Њујорк пред почетокот на Генералното собрание на ОН.
Кнежевството Мoнако објави дека ја признава државата Палестина. Принцот Алберт II даде изјава на меѓународната конференција на високо ниво за мирно решавање на палестинското прашање и имплементација на решението за две држави, организирана под покровителство на ОН и во соработка со Франција и Саудиска Арабија.
Претходно истото го сторија и претставници на Луксембург, Малта и Андора.
Ердоган во ОН го поздрави признавањето на Палестина и го осуди нападот во Газа како геноцид
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги пофали земјите што одлучија да ја признаат државата Палестина, велејќи дека таквите чекори се „критични пресвртници“ за решението со две држави.
Ердоган остро ја критикуваше војната на Израел во Газа.
„Масакрот во Газа продолжува со сето свое насилство и никој што е во контакт со неговата совест не може да молчи пред таков геноцид“, рече тој.
Милановиќ од Њујорк: Хрватска треба да ја признае Палестина, тоа не е награда, тоа е нивно право
Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, синоќа во Њујорк изјави дека Хрватска треба да ја признае палестинската држава и нагласи дека ова не е награда за Палестинците, туку нивно право.
„Палестина треба да биде признаена, Хрватска треба да го стори и тоа. Кога ќе го стори тоа, зависи од предлогот што ќе дојде од Владата до Парламентот, јас ќе го поддржам“, рече Милановиќ по учеството на Меѓународната конференција за мирно решение на палестинското прашање и спроведување на решението со две држави, што се одржа во седиштето на Обединетите нации (ОН) во Њујорк.
Неидентификувани дронови со часови ги затворија аеродромите во Копенхаген и Осло
Аеродромите во Копенхаген и Осло, два од најпрометните во нордискиот регион, беа затворени со часови откако беспилотни летала беа забележани во нивниот воздушен простор вчеравечер, оставајќи десетици илјади патници да чекаат.
Данската полиција во вторник соопшти дека дроновите поради кои беше затворен главниот аеродром во земјата очигледно биле управувани од „способен оператор“, додавајќи дека не се идентификувани осомничени.
Американец уапсен поради насочување ласер кон хеликоптер во кој се наоѓал Трамп
Еден маж беше уапсен вчера за наводно насочување на ласерски покажувач кон хеликоптер на „Марин Еден“ при полетување додека американскиот претседател Доналд Трамп се наоѓал во него, соопшти Тајната служба.
33 годишниот Џејкоб Самуел Винклер од Вашингтон, беше обвинет за насочување на ласерски покажувач кон хеликоптер, кривично дело за кое е предвидена казна до пет години затвор.
Додека „Марин Еден“ минувал над неговата глава, Винклер наводно го насочил ласерскиот покажувач кон хеликоптерот, предизвикувајќи ризик од судир во воздух, напишал офицерот на Тајната служба.
Тоа беше се за денешните блиц вести. За повеќе информации следете не на macedonian.trtbalkan.com.
