Во градот Скопје и четири скопски општини ќе има втор круг, а Бугарија ќе го отвори небото за Путин
Слушате Блиц вести на ТРТ Балкан на македонски, денес е вторник, 21 октомври
Во вториот круг довербата за град Скопје ја бараат Ѓорѓиевски и Мециновиќ
Во Скопје ќе има втор круг локални избори. Ќе се бира меѓу Орце Ѓорѓиевски од Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ и кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ, кои освоија најголем број гласови во првиот изборен круг. Исто така во скопските општини Центар, Карпош, Аеродром и Шуто Оризари ќе се гласа за две недели.
ЕУ постепено ќе го укинува увозот на руски гас до 2028 година
Европската Унија постигна договор да го намали целосно увозот на руски гас, но тоа ќе се одвива во фази до крајниот рок во 2028 година. Сепак, овој договор треба да биде усвоен на повисоките инстанци на блокот каде можно е повторно да блокираат земји како Унгарија и Словачка.
Трамп најави средба со кинескиот претседател Ши Џинпинг
Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека ќе се сретне со кинескиот претседател Ши Џинпинг во Јужна Кореја и очекува да постигне „фер договор“ со Пекинг, а ќе разговараат и за други отворени прашања.
Јапонија ја назначи Такаичи за прва жена премиер
Санае Такаичи е назначена за првата жена премиер во историјата на Јапонија откако доби поддршка во Долниот дом на Парламентот од јапонската либерална партија и партијата за иновации. Таа е позната по конзервативните ставови.
И за крај на денешниот блиц...
Бугарија ќе го отвори воздушниот простор за Путин за самитот со Трамп
Бугарија е подготвена да го отвори својот воздушен простор за авионот на рускиот претседател Владимир Путин ако тој одлучи да отпатува во Будимпешта, главниот град на Унгарија, на самитот со американскиот претседател Доналд Трамп за решавање на војната во Украина.
Тоа е сѐ за денешните блиц вести. За повеќе посетете нѐ на macedonian.trtbalkan.com
