Најмалку 23 убиени и десетици ранети Палестинци во израелските напади во Газа, Русија и Белорусија започнаа воени вежби на границата со Полска, ФБИ објави фотографии од осомничениот убиец на Чарли Кирк. Следите Блиц вести на ТРТ Балкан на македонски јазик за петок 12 септември.
Најмалку 23 убиени и десетици ранети Палестинци во денешнте израелски напади во Газа
Најмалку 23 Палестинци беа убиени, а десетици повредени во денешните израелски напади низ Појасот Газа, според медицински извори.
Најмалку 14 лица беа убиени кога израелски воени авиони погодија куќа во областа Ал-Тавам, северно од градот Газа.
Израелската армија продолжи со брутална офанзива врз Појасот Газа, убивајќи повеќе од 64.700 Палестинци од октомври 2023 година. Воената кампања ја опустоши енклавата, која се соочува со глад.
Европскиот парламент усвои резолуција со која се бара итна акција за Газа
Европскиот парламент вчера попладне усвои резолуција со која се бара итна акција од страна на ЕУ за „катастрофалната“ хуманитарна криза во Газа, на пленарна седница во Стразбур по заседавањето кое почна на 8 септември.
„Парламентот остро ја осудува опструкцијата на хуманитарната помош од страна на израелската влада, што предизвикува глад во северна Газа, и повикува на отворање на сите релевантни гранични премини. Итно бара УНРВА да се врати во својот целосен мандат и финансирање, со силен надзор, и се спротивставува на сегашниот систем на дистрибуција на помош“, се вели во соопштението на парламентот.
Резолуцијата беше усвоена со 305 гласа „за“, 151 „против“ и 122 „воздржани“.
Русија и Белорусија започнаа воени вежби во близина на границата со Полска
Русија и Белорусија во петок почнаа голема заедничка воена вежба пред прагот на НАТО, која вклучува маневри во двете земји и во Балтичкото и Баренцовото Море, објави руското Министерство за одбрана.
Вежбата „Запад-2025“ - демонстрација на сила меѓу Русија и нејзиниот близок сојузник - се одржува во исклучително напнат момент во руско-украинската војна, два дена откако Полска, со поддршка на своите сојузници од НАТО, собори сомнителни руски беспилотни летала над својот воздушен простор.
Вежбата „Запад“ беше закажана долго пред инцидентот со дроновите, за кој Русија негираше одговорност.
Орбан: Членство во ЕУ базирано на заслуги, а не како гаранција за безбедност
Членството во Европската Унија не е гаранција за безбедност, туку процес базиран на заслуги, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан, одговарајќи на изјавата на финскиот претседател Александар Стуб дека најсилната гаранција за безбедноста на Украина е членството во ЕУ.
„Членството во ЕУ не е гаранција за безбедност, туку процес базиран на заслуги. Доколку тоа беше навистина најсилната гаранција за безбедност, тогаш Финска немаше да има причина да се приклучи на НАТО. Забрзаното пристапување на Украина во ЕУ нема да ја зајакне нашата Унија - тоа директно би ја вовлекло заканата од војна во неа. Ние предлагаме поразумен пристап“, објави Орбан на мрежата X.
ФБИ објави фотографии од осомничениот убиец на Чарли Кирк, нуди награда од 100.000 долари
ФБИ објави две фотографии од маж кого го означиле како „лице од интерес“ во истрагата за убиството на американскиот патриот Чарли Кирк, кој беше убиен од снајперски истрел во среда на Универзитетот Јута Вали за време на јавен говор.
На фотографиите се гледа слаб маж облечен во фармерки, црна маица со долги ракави со американско знаме, црни очила за сонце и шапка.
ФБИ понуди награда до 100.000 долари за информации што можат да помогнат во идентификувањето и апсењето на сторителот, објавува Фокс њуз.
Тоа беше се за денешните блиц вести. За повеќе информации посетете не на macedonian.trtbalkan.com.