Најмалку десет мртви во масакр во Канада, десетици приведени демонстранти на протести во Тирана, Ердоган назначи нови министри за правда и внатрешни работи. Слушате блиц вести на ТРТ Балкан на македонски за среда 11 Февруари.
Најмалку десет мртви во масакр во училиште во Канада
Десет луѓе се убиени, вклучувајќи го напаѓачот, во едно од најсмртоносните масовни пукања во Канада во последните години, кое се случи во средно училиште во градот Тамблер Риџ во Британска Колумбија.
Шест луѓе се пронајдени мртви во училиштето и уште едно лице почина на пат кон болница, а двајца мртви се пронајдени во приватен дом, што се верува дека е поврзано со пукањето, објави канадската полиција. Повредени се повеќе од 25 луѓе, од кои двајца се во сериозна состојба.
Полицијата го опиша осомничениот напаѓач како жена со кафеава коса облечена во фустан. Таа била пронајдена мртва во истото училиште со прострелна рана и полицијата верува дека се самоубила и дека немала помагачи.
Тирана: Десетици приведени демонстранти и повредени полицајци на протестите против владата на Рама
Десетици приведени и 16 повредени полицајци е епилогот од вчерашните опозициски протести во Тирана, кога демонстрантите, кои бараат оставка од премиерот Еди Рама фрлаа молотови коктели врз неговата канцеларијата и зградата на парламентот.
Конфликтот ескалирал откако полицајците употребиле водени топови и солзавец за да ги растераат демонстрантитe.
Ердоган назначи нови министри за правда и внатрешни работи во реконструкцијата на кабинетот
Туркије назначи нови министри за правда и внатрешни работи по претседателските декрети потпишани од претседателот Реџеп Таип Ердоган и објавени во Службен весник.
Според декретите, главниот јавен обвинител на Истанбул, Акин Гурлек, е назначен за министер за правда, на местото на Јилмаз Тунч, додека гувернерот на Ерзурум, Мустафа Чифчи, е именуван за министер за внатрешни работи, наследувајќи го Али Јерликаја.
Стотици демонстранти протестираа пред австралискиот парламент против посетата на Херцог
Стотици демонстранти денеска се собраа пред Парламентот на Австралија за да протестираат против официјалната посета на израелскиот претседател Исак Херцог, објавија локалните медиуми.
Тие имаа развеани палестински знамиња и транспаренти со слогани против Израел, а митингот доби поддршка и од неколку политичари, соопшти ABC News.
Херцог е во Австралија во официјална посета и е придружуван од силно обезбедување.
Орбан: Планот на ЕУ за забрзан прием на Украина е отворена објава на војна против Унгарија
Планот на ЕУ од пет точки за забрзан прием на Украина е отворена објава на војна против Унгарија, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан, коментирајќи го пишувањето на бриселскиот портал Политико за постоењето на таков план.
Според него, тоа е план на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Овој план имплицира „дека постојат неколку начини ЕУ да го заобиколи Орбан. Од надеж за негов пораз на изборите во Унгарија до суспензија на правото на глас.
Тоа беше се за денешните блиц вести. За повеќе информации постете не на macedonian.trtbalkan.com.
