Туркије го поздрави планот за решавање на кризата во сириска Сувејда
Министерството за надворешни работи на Туркије го поздрави планот договорен вчера од Сирија, Јордан и САД за решавање на кризата во сириската покраина Сувејда.
„Туркије ќе продолжи да ги поддржува напорите што промовираат мир, безбедност и стабилност за сите делови на Сирија, врз основа на принципите на почитување на територијалниот интегритет, единство и суверенитет“, се вели во соопштението.
Протести во Италија поради израелскиот геноцид и окупацијата на Газа
Во многу италијански градови се одржаа протести поради израелскиот геноцид во Газа и неговата окупација на градот. Протестни маршеви се одржаа синоќа во Рим, Милано, Неапол, Торино и Болоња. Илјадници луѓе, мавтајќи со палестински знамиња, извикуваа слогани како „Слобода за Палестина“ и „Сите сме антиционисти“. Демонстрантите истакнаа дека маршот го одржале за да се спротивстават на „Проектот за голем Израел“ и етничкото чистење на Палестинците.
Тие ги обвинија Италија и Европската Унија дека се соучесници на Израел.
ИЈЗ: Нема радиоактивност во водата и опасни тешки метали во почвата по пожарот во Трубарево
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) ги објави резултатите од вонредните анализи спроведени по големиот пожар што избувна во саботата во магацин за отпад во скопското село Трубарево. Според денешните испитувања на земените примероци од вода, не е утврдена радиоактивност. Нема ниту опасни нивоа на тешки метали во почвата. Како што информира ИЈЗ, се забалежува зголемување на два параметра, Cu (бакар) и Zn (цинк) само од едно испитано место - површинскиот слој каде што гореле литиумски батерии, но тоа е во рамки на очекувањата.
Хоспитализиран поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро
Поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро е префрлен во болница во Бразилија во вторник откако се почувствувал лошо, според неговиот син, сенаторот Флави Болсонаро. Тој потврдил дека неговиот татко бил префрлен во болница како „итен случај“. Федералниот Врховен суд го осуди Болсонаро минатиот четврток на 27 години и три месеци затвор за учество во заговорот за државен удар.
И за крај на денешниот блиц...
Робинсон обвинет за убиството на Кирк, објавена преписка од неговиот разговор со партнерот
Тајлер Робинсон, 22-годишниот осомничен за убиството на конзервативниот активист Чарли Кирк на Универзитетот Јута Вали, се појави преку видео врска во Окружниот суд на округот Јута во вторник откако формално беше обвинет за убиството. Робинсон е обвинет за седум кривични дела, вклучувајќи тешко убиство, нелегално поседување огнено оружје, две обвиненија за попречување на правдата, две обвиненија за манипулирање со сведоци и извршување насилно кривично дело во присуство на деца. Тој е притворен без кауција во затворот во округот Вашингтон, каде е ставен под „протокол за посебен надзор“ што вклучува засилен мониторинг.
Тоа е сѐ за денешните блиц вести. За повеќе посетете нѐ на macedonian.trtbalkan.com
