Земјотрес од 8,8 степени предизвика цунами и евакуации во Русија, Јапонија и Хаваи. Израел усмрти 69 Палестинци во Газа. Тајланд ја обвини Камбоџа за нарушување на примирјето. Кина ќе го претвори Шангај во центар за ВИ.
Слушате Блиц вести на ТРТ Балкан на македонски, денеска е среда, 30 јули
Силен земјотрес од 8,8 степени во Русија предизвика цунами, Јапонија и Хаваи наредија евакуација
Силен земјотрес од 8,8 степени според Рихтер што го погоди Далечниот Исток на Русија предизвика цунами, по што Јапонија и Хаваи наредија евакуација. Земјотресот го погоди градот Петропавловск на Камчатка, а според првите извештаи, има и повредени, објавија руските медиуми. Првиот бран од цунамито ги погоди Курилските Острови, а цунами високо 3-4 метри го погоди полуостровот Камчатка.
Дванаесет деца се меѓу 69-те Палестинци убиени вчера во израелските напади низ Газа
Најмалку 69 Палестинци, вклучувајќи 12 деца, биле убиени, а десетици повредени во најновите израелски воздушни напади насочени кон различни области низ Појасот Газа во вторник, соопштија извори и сведоци. Во еден од најсмртоносните напади, израелските воздушни напади срамнија со земја неколку куќи во бегалскиот камп Нусејрат во централна Газа, при што загинаа 30 лица, вклучувајќи 12 деца и 14 жени. Спасувачите на местото пронашле фетус кој излетал од телото на неговата почината мајка поради силата на експлозијата.
Тајланд ја обвинува Камбоџа за второ кршење на прекинот на огнот за два дена
Тајландската војска денес ги обвини камбоџанските сили за кршење на договорот за прекин на огнот на три одделни локации долж спорната граница, предупредувајќи дека континуираната агресија би можела да ги принуди тајландските сили да одговорат порешително. Тајланд денес објави дека камбоџанските сили пукале врз позиции во североисточната тајландска покраина Сисакет, на северната граница на Камбоџа, пренесува Ројтерс.
Кина ќе го претвора Шангај во светски центар за вештачка интелигенција
Кина има амбициозен план да го претвори Шангај во водечки центар за развој на вештачката интелигенција (ВИ), со нова програма за субвенции која е дел од напорите за зајакнување на локалната индустрија. Оваа иницијатива следи по предлогот на кинескиот премиер Ли Ќијанг за формирање на организација која ќе промовира глобална соработка во развојот на вештачката интелигенција, изнесен за време на Светската конференција за вештачка интелигенција во Шангај.
И за крај на денешниот блиц...
Првиот бран на цунами по земјотресот во Русија веќе ги погоди Алјаска, Хаваи и Јапонија
Американските држави Алјаска и Хаваи веќе се погодени од првите бранови на цунамито предизвикани од силниот земјотрес со јачина од 8,8 степени по Рихтер што денес го погоди рускиот полуостров Камчатка. Првиот бран на цунамито што стигна до Хаваи беше висок 1,2 метри, а се очекува дека последователните бранови би можеле да достигнат и до три метри во висина, според американските медиуми.
Тоа е сѐ за денешните блиц вести. За повеќе посетете нѐ на macedonian.trtbalkan.com
