Во третата епизода од серијалот „Мотиватори“ ја пренесуваме приказната на тимот зад „Самоглас“- првата аудиобук платформа во земјата, создадена од групата актери: Ангела Стојановска, Васко Костовски и Христијан Поп-Симонов, кои од едно мало сопче и од голем сон создадоа алатка што денес допира до илјадници.
Нивната идеја започна како љубов кон звукот и раскажувањето, но брзо прерасна во мисија: да ја направат литературата подостапна, особено за младите, за слепите и слабовидните лица, за дислексичарите и за сите кои полесно учат преку слушање. Со многу труд, посветеност и искрена желба да создадат нешто корисно, тимот на Самоглас ја гради првата домашна мрежа на аудиокниги, аудиодрами и образовни содржини.
Денес, нивниот труд се препознава во училиштата, во здруженијата и меѓу генерациите што растат со нивната работа- доказ дека соништата навистина можат да се претворат во платформи што менуваат навики, средини и животи.

