Карим Елгенди
Карим Елгенди е основач и извршен директор на Институтот Карбон, независен тинк-тенк за климатски и енергетски политики фокусиран на Блискиот Исток и Северна Африка, и соработник во Чатам Хаус
Кога делегатите пристигнаа во Анталија, Туркије, оваа недела за КОП31, Конференцијата на ОН за климатски промени, тие се состанаа во годината кога светот престана да се преправа дека сè уште можеме да ја исполниме клучната цел на Парискиот договор.
Во октомври, Програмата на ОН за животна средина (УНЕП), во својот Извештај за јазот во емисиите 2026 година, заклучи дека ограничувањето на затоплувањето на 1,5 степени Целзиус (°Ц) без или ограничено пречекорување повеќе не е можно. Прашањето сега е колку далеку ќе пречекориме и за колку долго.
Деценија одложување
Главната причина е деценија одложување. Насоките за 1,5°Ц на Меѓувладиниот панел за климатски промени (ИПЦЦ) претпоставија намалувања од 2020 година кои никогаш не се материјализираа.
Глобалниот проект за јаглерод проценува дека емисиите на јаглерод диоксид од фосилни горива достигнаа рекордни 38,1 гигатони во 2025 година. Синтезата на националните планови за климата на Секретаријатот на ОН за климатски промени за 2026 година открива дека новите ветувања, целосно имплементирани, би ги оставиле емисиите во 2035 година само 6% до 9% под нивоата од 2019 година, каде тие насоки бараа намалување од околу 60%.
Тековната геополитичка нестабилност ја повлече политиката за климата во два правци истовремено. Гасната криза во 2022 година и затворањето на Ормуз оваа година, кое Меѓународната агенција за енергија (ИEA) го нарече најголемо нарушување на снабдувањето во историјата на пазарот на нафта, ги направија обновливите извори на енергија да изгледаат како енергетски побезбедна опција за увозниците.
Каде ќе заврши светот зависи од тоа кои ветувања се важни.
Според проценките на УНEП, политиките што се моментално на сила укажуваат на затоплување од околу 2,8°Ц во текот на овој век, при што температурите ќе продолжат да растат и по 2100 година.
Централните проценки на Секретаријатот на ОН за климатски промени покажуваат дека, ако се земат предвид само новите ветувања, до 2100 година затоплувањето би се движело помеѓу 2,1 и 3,2°Ц.
Ако владите ги исполнат и целите за „нето-нула“ емисии до средината на векот, цели кон кои моменталните политики воопшто не се приближуваат, тогаш тој опсег би изнесувал од 1,7 до 2,3°Ц.
Целта во Анталија е врвот на затоплувањето да биде што е можно понизок и пократок. Секоја десетина од степенот, како и секоја година помината над границата од 1,5°Ц, се од големо значење.
Според сценариото на УНEП со најмало надминување на целта, врвот би достигнал 1,7 до 1,8°Ц околу средината на векот; притоа, со сегашното темпо на емисии, секои пет години носат дополнително затоплување од приближно една десетина од степенот.
Глобалното затоплување на Блискиот Исток се одвива двојно побрзо
Регионот на Источниот Медитеран и Блискиот Исток се загрева речиси двојно побрзо од глобалниот просек, што значи дека сите гореспоменати глобални бројки овде се уште повисоки.
Разликата помеѓу врв од околу 1,7°Ц и движење кон 2,8°Ц е разликата помеѓу, од една страна, топлински стрес и недостиг на вода на кои општествата сè уште можат да се прилагодат, и од друга страна, услови што би ги надминале капацитетите за прилагодување.

Покрај тоа, одредени загуби, како што е губењето на копно поради негово потопување од морето во низинските делти, би биле трајни, дури и ако температурите подоцна се намалат.
Електрификацијата на потрошувачката на енергија преку користење на енергија од ветер и сонце го врши најголемиот дел од работата.
Паралелно со тоа, потребно е контролирано намалување на употребата на фосилни горива, почнувајќи од јагленот во секторот за производство на електрична енергија.
Притоа, напредните економии треба да напредуваат најбрзо, а секоја земја треба да објави национален патоказ за транзиција. Ветувањата јасно покажуваат колку долг пат претстои.
Речиси три години откако владите во Дубаи се договорија за транзиција кон напуштање на фосилните горива, секретаријатот на ОН за климатски промени утврди дека само еден од десет нови планови поставува цел за намалување на производството на енергија од фосилни горива до 2035 година, а само еден од дваесет предвидува целосно исфрлање на јагленот до тој рок.
Земјата домаќин е типичен пример: Туркије во 2025 година додаде рекордни 6,5 гигавати (ГВ) капацитети од ветер и сонце, но сепак, 34% од електричната енергија се добиваше од јаглен.
Намалувањето на емисиите на метан е најбрзиот начин за делување, бидејќи ефектот врз температурите станува видлив за само неколку години.
Според Глобалниот монитор за метан (Global Methane Tracker) на Меѓународната агенција за енергетика, околу 70% од емисиите на метан поврзани со фосилните горива, што изнесува речиси 85 милиони тони, би можеле да се спречат со примена на постојната технологија.
Во 2025 година, емисиите на метан од енергетскиот сектор не покажаа знаци на опаѓање. Според проценките на ИEA, ако се спречи истекувањето на метанот, би се добиле околу 200 милијарди кубни метри гас годишно кои би можеле да се стават на пазарот- аргумент што самата Агенција го изнесе за време на кризата што се случи во текот на оваа година.
Сè ова зависи од претворањето на националните планови за 2035 година во конкретни политики, од користењето на вториот Глобален преглед (Global Stocktake), кој завршува во 2028 година, за проценка на напредокот, како и од насочувањето на финансиски средства кон економиите во развој.

Меѓународниот суд на правдата во 2025 година даде мислење дека ограничувањето на порастот на температурата на 1,5°Ц е примарната цел на Парискиот договор и дека националните планови, земени заедно, мора да бидат доволни за да се постигне таа цел.
Конференцијата КOП31 во Анталија ќе биде значајна само доколку резултира со утврдување конкретни рокови за исполнување на обврските поврзани со јагленот и метанот.
Границата од 1,5°Ц веќе е надмината во одредени месеци и години, а Службата за климатски промени „Коперник“ на Европската унија очекува дека и долгорочниот просек ќе ја надмине оваа граница пред крајот на тековната деценија.
Она што останува неизвесно е колку високо над таа граница ќе се искачи температурата и колку долго ќе трае тој период, а малку места ќе го почувствуваат одговорот порано од регионот во кој се одржуваат разговорите.
Извор: АА
Забелешка: Ставовите изразени во овој напис му припаѓаат на авторот и не ја одразуваат нужно уредувачката политика на ТРТ Балкан























