Предупредување за содржината: Оваа статија содржи описи на сексуално насилство и злоупотреба кои за читателите може да бидат вознемирувачки.
Сексуалното насилство врз Палестинците стана дел од широко распространет и систематски модел на злоупотреба под израелска окупација, со нов извештај во кој се наведени инциденти на силување, генитална тортура, присилна голотија и сексуално понижување низ установите за притвор, во текот на воените операции и камповите за раселените лица.
Извештајот во Британскиот медицински журнал (БМЈ) собира докази од медицински, хуманитарни и организации за човекови права и го испитува обемот на злоупотребите за да го истакне неуспехот да се обезбеди одговорност.
Извештајот доаѓа неколку недели по третата годишнина од почетокот на геноцидната војна на Израел против Палестина, во која загинаа повеќе од 75.000 луѓе и беа раселени милиони во опустошената енклава Газа.
Сексуалното насилство е дел од поширока кампања на злоупотреба што ги тероризира палестинските заедници и помага во нивното присилно раселување, според д-р Ник Мејнард, консултант хирург со седиште во Оксфорд, кој повеќепати патувал во Газа за да пружи медицинска нега и коавтор на новиот извештај.
„Важно е да се разбере дека доказите што ги обезбедивме за сексуално насилство врз Палестинците не смеат да се сметаат за изолирани инциденти, туку како дел од широко распространет систематски модел на тешка физичка и сексуална злоупотреба на Палестинците низ (окупираниот) Западен Брег и во Газа“, изјави Мејнард за ТРТ Ворлд.
„Ова однесување е наменето да ја скрши волјата на палестинскиот народ и јасно претставува фундаментален и суштински дел од израелската политика на присилно раселување на палестинскиот народ и етничко чистење“, додава тој.
Во март 2025 година, Независната меѓународна комисија за истрага на ОН заклучи дека сексуалното и родово базирано насилство врз Палестинците сè повеќе се користи како метод на војна.
Комисијата утврди дека присилното јавно соблекување, сексуалното вознемирување и нападот се дел од стандардните оперативни процедури на израелските безбедносни сили, со сексуализирана тортура извршена со експлицитни наредби или имплицитно охрабрување од вишо цивилно и воено раководство.
Комисијата документираше шема на сексуално насилство, тортура и други нехумани дејствија кои претставуваат воени злосторства и злосторства против човештвото.
Доказите вклучуваат силување и сексуален напад врз палестински притвореници, напади насочени кон нивните гениталии, закани за силување упатени кон притворениците и членови на нивните семејства, како и повеќекратни претреси со соблекување, спроведени во понижувачки услови.
Повреди што го менуваат животот
Документираното злоставување на палестинските притвореници вклучува сексуално насилство и тепање, што резултирало со разорни, а понекогаш и трајни повреди.
Во еден документиран случај, палестински притвореник претрпел руптура на ректумот, за што била потребна хируршка интервенција и создавање стома.
Други сведоштва опишуваат случаи каде што притворениците изгубиле еден или двата тестиса по тепање насочено кон нивните гениталии.
Злоставувањето не се ограничило само на притворот.
Палестински мажи, жени и деца во Газа биле изложени на долготрајна присилна голотија за време на израелските воени операции, вклучително и принудување да одат голи на јавни места.

Израелските војници, исто така, фотографирале и снимале долна облека на палестински жени во домовите што ги претресувале, објавувајќи ги сликите онлајн со цел да ги понижат.
Извештајот на ОН од 2026 година за сексуалното насилство поврзано со конфликти потврди случаи на сексуално насилство врз 31 палестински маж, жена и дете во Газа и на окупираниот Западен Брег во периодот од 2023 до 2025 година.
Девет жртви биле изложени на силување или групно силување, во некои случаи и повеќекратно. Документираните злоставувања вклучуваат насилство врз гениталиите, присилна голотија, закани за силување и инвазивни претреси без очигледно безбедносно оправдување.
Мејнард, кој од 2010 година па наваму често патувал во Газа- вклучително и трипати по 7 октомври 2023 година- вели дека бил сведок на ужасни злосторства, вклучително и масовни жртви предизвикани од бомбардирања во густо населени цивилни области, при што меѓу загинатите имало и деца.
За време на својата работа, Мејнард собрал детални сведоштва од двајца здравствени работници и еден цивил, кои биле киднапирани и држени во израелски затвори. Нивните искази вклучуваат описи на тортура и сексуално насилство.
„Работев во болниците со многу пациенти кои починаа поради недостиг на ресурси; јасно е дека многумина од нив ќе преживееја доколку имавме соодветни ресурси.“ Недостигот на соодветни медицински ресурси, како директна последица од директното целење на здравствените установи и израелската блокада што го оневозможува пристигнувањето на соодветна помош и ресурси во Газа, значеше дека пациентите кои претрпеле трауми честопати не можеа да добијат соодветна медицинска нега и поддршка и ова се однесуваше и на оние со траума од сексуално насилство“, вели Мејнард.
„На оние кои биле мачени и претрпеле сексуално насилство во израелските центри за притвор и затвори, исто така не им била одобрена медицинска нега додека биле во притвор“, додава тој.
Сексуалното насилство поттикнува страв и раселување
За Палестинците, сексуалното насилство и заканите, исто така, го обликувале секојдневниот живот под окупација, вклучително и за време на воени напади, на контролните пунктови и на местата каде се собирале раселените.
Извештаите документираат жени кои биле принудени да се соблекувааат пред војници, биле подложени на сексуален напад и им се заканувале со силување, понекогаш пред сопствените деца.
Други извештаи опишуваат израелски војници кои ги изложувале своите гениталии на жени и девојчиња, додека палестинските жени на окупираниот Западен Брег се соочиле со сексуално вознемирување и закани од израелски доселеници.
Во една студија во која учествувале 39 раселени домаќинства во Областа Ц на окупираниот Западен Брег, повеќе од 70 проценти ги идентификувале заканите кон жените и децата, особено сексуализираното насилство, како одлучувачка причина за напуштање на нивните домови.
Наодите илустрираат како сексуалното насилство може да придонесе за окружување на принуда и раселување, заедно со други форми на насилство и заплашување со кои се соочуваат палестинските заедници.
Децата се исто така меѓу погодените.
Во 2025 година, повеќе од половина од 165 палестински деца на возраст од 12 до 17 години, кои биле притворени од израелските власти, пријавиле дека биле сведоци или доживеале сексуално насилство во притвор, вклучувајќи закани за силување, присилно соблекување и напад врз гениталиите, според истражувањето цитирано во статијата на БМЈ.
Недоволно пријавување и неказнивост
Обемот на документирано злоставување е усложнет од пречките со кои се соочуваат преживеаните при пријавувањето насилство и добивањето грижа.
Стравот од одмазда, срамот, стигмата и недовербата кон механизмите за жалби можат да ги спречат преживеаните да пријават. Ограничениот пристап за независни истражители, исто така, го ограничува собирањето и верификацијата на докази.
„Веруваме дека овие злоставувања недоволно се пријавуваат од многу причини. Жртвите често одбиваат да ги пријават своите повреди од страв од понатамошно злоставување и напади врз себе и врз своите семејства“, вели Мејнард.
„Предизвикувачко е да се документира целосниот обем на сексуално насилство бидејќи Израел постојано одбива да им дозволи на независните истражители да проверат што се случува“, додава тој.
Евиденцијата за одговорност е исто така загрижувачка.
Комисијата на ОН откри дека израелските цивилни и воени правосудни системи не успеале да обезбедат одговорност за сексуалните злосторства против Палестинците.
Од 1.260 случаи на прекршоци од страна на израелски војници против Палестинци, регистрирани во воениот систем за спроведување на законот, меѓу 2017 и 2021 година, само 11 резултирале со обвиненија.
Неве Гордон, професор по човекови права и хуманитарно право на Универзитетот Квин Мери во Лондон, рече дека веродостојните обвинувања бараат независна истрага, вклучително и за оние кои наредиле или овозможиле злоупотреба.
Сексуалното насилство може да претставува воено злосторство и, кога се исполнети законските услови, злосторство против човештвото.
Утврдувањето на кривичната одговорност бара од истражителите да испитаат поединечни инциденти, да зачуваат докази и да ги утврдат улогите на директните сторители и оние на командни позиции.
„На ОН треба да им се дозволи да се испратат независни тимови за да се истражат ваквите пријави за сексуално насилство и да се обезбеди не само дека жртвите на ова насилство имаат пристап до соодветна специјализирана медицинска нега, туку и дека сторителите мора да бидат повикани на одговорност“, вели Мејнард.
„Западните влади, како што е владата на Велика Британија, имаат обврска според меѓународното право да ги спречат овие прекршувања и да се осигурат дека меѓународното хуманитарно право се почитува.“
„Овие влади мора да сторат повеќе за да ги заштитат Палестинците и мора да инсистираат на независен мониторинг и истрага“, додава тој.
Извор: ТРТ Ворлд





















