| Macedonian
Мислење
ТУРКИЈЕ
9 мин читање
Ратификацијата на поморскиот договор Либија-Туркије ја доведува во прашање стратегијата на Грција
Ратификацијата на поморскиот договор ја зајакнува позицијата на Анкара во Источниот Медитеран, притоа доведувајќи ја во прашање дипломатската стратегија на Грција и отворајќи прашања во врска со спротивставените поморски интереси на Египет
Ратификацијата на поморскиот договор Либија-Туркије ја доведува во прашање стратегијата на Грција
Според турските податоци, крајбрежјето на Туркије во Источен Медитеран изнесува приближно 1.870 км, а на Грција, во истиот басен, тоа изнесува 167 км / АА

Ако може да ѝ се верува на Атина, начинот да се поништи еден договор е тој доволно често да се прогласува за неважечки.

Грција во повеќе наврати го оспоруваше поморскиот меморандум меѓу Туркије и Либија од 2019 година, сметајќи дека политичките поделби во Либија ќе ја спречат неговата ратификација. Но таа пресметка доживеа неуспех на 20 октомври.

Претставничкиот дом на Либија едногласно го ратификуваше договорот во Бенгази, додека Високиот државен совет, со седиште во Триполи, ја поздрави одлуката како позитивен чекор. Две ривалски либиски институции всушност се усогласија околу договор на кој Атина се спротивставуваше со години.

Анкара со месеци работеше на градење врски со различните страни во политичкиот спектар на Либија. Таа го нагости Садам Хафтар (началник на штабот на копнените сили на Либиската национална армија), повторно го отвори својот конзулат во Бенгази и овозможи воени контакти меѓу источна и западна Либија. Во август, турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан го посети Бенгази, каде што се сретна со Калифа Хафтар (татко на Садам Хафтар и де факто лидер на источна Либија) и други високи претставници.

ПоврзаниTRT Balkan - Туркије остро го критикува извештајот на Европската комисија нарекувајќи го пристрасен и неправеден

Додека Атина се потпираше на поделбите во Либија, Анкара се обидуваше да ги надмине. Ратификацијата ги разоткри ограничувањата на грчката стратегија и поттикна нови правни и дипломатски приговори.

Факт бр. 56119

Потпишан на 27 ноември 2019 година, меморандумот меѓу Туркије и Либија стапи на сила на 8 декември 2019 година и беше регистриран во Секретаријатот на ОН под број 56119.

Грција тврди дека регистрацијата во ОН не му дава правна важност на договорот. Иако самата регистрација не утврдува важност, член 102 од Повелбата на ОН овозможува регистрираните договори да бидат истакнати пред органите на ОН.

Атина, исто така, тврди дека меморандумот не може да произведе правни последици за трети држави. Сепак, ова е општ принцип на правото на меѓународните договори. 

Според член 34 од Виенската конвенција, договорите не создаваат права или обврски за трети држави без нивна согласност. Истиот принцип важи и за поморскиот договор на Грција со Египет од 2020 година, кој не може да наметне обврски за Туркије или Либија. Грчко-кипарскиот правник Николас А. Јоанидис призна дека договорот меѓу Атина и Каиро не може да го поништи меморандумот меѓу Туркије и Либија.

Подлабокиот спор се однесува на тоа како треба да се повлечат поморските граници во Источен Медитеран.

Грција тврди дека меморандумот ги нарушува нејзините права во поморските зони. Туркије смета дека островите не треба автоматски да имаат целосно поморско влијание кога нивните поморски проекции се преклопуваат со оние на соседните копнени држави.

Во писмо до ОН, Анкара изнесе став дека островите не треба да ја пресекуваат крајбрежната проекција на копното, притоа нагласувајќи ги должината и правецот на крајбрежјето како релевантни фактори.

ПоврзаниTRT Balkan - Ердоган вети дека ќе ги брани поморските права на Туркије, повикува на единство во Либија

Според турските податоци, крајбрежјето на Туркије во Источен Медитеран изнесува приближно 1.870 км, додека за Грција, во истиот басен, тоа изнесува 167 км.

Конвенцијата на ОН за правото на морето, чија потписничка Туркије не е, во членот 83 предвидува правично решение за разграничување на континенталниот гребен. Членот 121 се однесува на правата на островите, но не го прецизира нивното точно влијание во секој поединечен спор за разграничување.

Одлуките на меѓународните судови, исто така, ја признаваат важноста на географијата. Во случајот меѓу Либија и Малта, Меѓународниот суд на правдата ја прилагоди линијата на разграничување откако ги зеде предвид релевантните географски фактори. 

Во случајот за Црното Море, пак, Судот не му додели на Змијскиот Остров никакво дополнително влијание надвор од неговото територијално море.

И самата Грција има прифатено прилагодувања во однос на правата на островите. Во говор од 2020 година, премиерот Киријакос Мицотакис призна дека одредени грчки острови имале намалено влијание во рамките на поморскиот договор што земјата го склучи со Италија.

Овие преседани го зајакнуваат аргументот на Анкара дека поморското разграничување не може да се одредува исклучиво врз основа на присуството на острови.

Туркије смета дека, за потребите на разграничувањето, крајбрежјето на југозападна Анадолија и она на североисточна Либија се наоѓаат едно спроти друго. Во членот 1 од меморандумот, договорената граница е дефинирана како линија на еднакво растојание (еквидистанца).

За Анкара, овој договор исто така ја поддржува нејзината поширока поморска доктрина Сина татковина (Blue Homeland). Ратификацијата од страна на Либија сега му дава нова политичка поддршка на договорот, кој Грција со години се обидуваше да го поткопа. 

Дипломатски приговори на Грција

На 20 октомври, грчкото Министерство за надворешни работи го прогласи меморандумот за „ништoжен и неважечки“. Следниот ден, Египет повторно го изрази своето противење.

Грчкиот министер за надворешни работи, Јоргос Герапетритис, истакна дека ратификацијата не додава ништо на правниот статус на меморандумот и го доведе во прашање легитимитетот на либиската влада што го потпишала.

Сепак, Грција претходно се повикуваше на отсуството на одобрување од страна на либискиот Претставнички дом како причина за отфрлање на договорот. Сега, откако парламентот го одобри, Атина тврди дека таа одлука нема правно дејство.

Оваа промена открива недоследност во дипломатската аргументација на Грција.

Резолуцијата 2259 на Советот за безбедност на ОН го поддржа Либискиот политички договор и ја призна Владата на национална согласност како единствена легитимна влада на Либија во тоа време.

ЕУ застана зад ставот на Грција. На 20 октомври, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, го оценија меморандумот како „ништoжен и неважечки“ и изразија жалење поради одлуката на либискиот парламент.

Спорот се однесува и на Севилската мапа (Seville map), за која Туркије тврди дека значително би ја ограничила нејзината поморска јурисдикција. Сепак, Европската комисија во 2020 година појасни дека таа не ја нарачала оваа карта, додека Амбасадата на САД во Анкара изјави дека таа нема никакво правно значење.

Спорот се проширува кон исток, до островот Меис и Администрацијата на кипарските Грци. Туркије тврди дека доделувањето целосно поморско влијание на островот Меис би ги поврзало грчките поморски барања со оние на Администрацијата на кипарските Грци, со што би се ограничила поморската јурисдикција на Анкара и би се занемариле интересите на кипарските Турци.

ПоврзаниTRT Balkan - Либискиот Парламент го одобри поморскиот договор со Туркије, поништувајќи ја претходната одлука

На 26 октомври, Герапетритис изнесе заедничка изјава во име на Грција, Администрацијата на кипарските Грци, Египет, Бахреин, ОАЕ и ЕУ. Три дена подоцна, за време на седница на Советот за безбедност на ОН, Мицотакис го нарече меморандумот незаконски и произволен.

Сепак, изјавите на поединечни влади не претставуваат одлука на Советот за безбедност во врска со поморското разграничување.

Како што истакна турскиот претставник во ОН, Ахмет Јилдиз, Советот не делува како суд за поморско разграничување.

Оваа конфронтација се одвива паралелно со зајакнувањето на одбранбената соработка меѓу Грција, Израел и Администрацијата на кипарските Грци. Во април, Грција потпиша договор со Израел во вредност од 750 милиони долари за набавка на ракетни артилериски системи ПУЛС, а во август следеше договор во вредност од приближно 3 милијарди евра за системот за противвоздушна одбрана Ахилов штит (Achilles Shield).

За Анкара, овие случувања ги засилуваат стравувањата дека Грција и нејзините регионални партнери ја зајакнуваат својата воена позиција, истовремено обидувајќи се да го ограничат поморското влијание на Туркије.

Изгубените квадратни километри на Каиро

Египет останува клучен партнер во грчкото противење на меморандумот, но неговите сопствени поморски интереси ја усложнуваат таа усогласеност. По телефонскиот разговор на 22 октомври меѓу Герапетритис и египетскиот министер за надворешни работи Бадр Абделати, грчките медиуми објавија дека двете земји ќе разговараат за проширување на нивниот поморски договор од 2020 година источно од 28. меридијан.

Сепак, Министерството за надворешни работи на Египет наведе само дека консултациите ќе продолжат.

Оваа разлика е значајна бидејќи проширувањето кон исток би опфатило области каде што грчките барања во однос на островот Меис се преклопуваат со потенцијалните поморски права на Египет.

Туркије тврди дека Египет веќе прифатил помала поморска јурисдикција отколку што би можел да обезбеди преку договори засновани првенствено на крајбрежјето на копнениот дел од државите.

Според Министерството за надворешни работи на Туркије, поморскиот договор од 2003 година меѓу Египет и Администрацијата на кипарските Грци го лишил Каиро од приближно 11.500 км² потенцијална поморска јурисдикција.

Турските претставници исто така тврдат дека договорот меѓу Грција и Египет од 2020 година му оставил на Каиро околу 15.000 км² помалку отколку што би можел да добие преку договор со Туркије.

Овие бројки го одразуваат толкувањето на Анкара, а не одлука донесена преку меѓународна арбитража или судски процес.

Информациите од преговорите на Грција, исто така, укажуваат на тоа дека Египет издејствувал одредени отстапки.

Во говор пред парламентот во 2020 година, Мицотакис призна дека Каиро одбил „примамливи предлози“ со кои му се нудел „многу поголем“ поморски простор.

ПоврзаниTRT Balkan - Одбранбениот пакт Израел-Грција-ГЦA: Предизвик за кохезијата на НАТО во Источниот Медитеран

Пресметка објавена од Хеленскиот институт за стратешки студии сугерира дека средишната линија, која Атина првично ја претпочитала, би му доделила на Египет приближно 35.000 км², за разлика од повеќе од 41.000 км² предвидени со потпишаниот договор.

Разликата од над 6.000 км² покажува како преговорите се оддалечиле од првичната позиција на Грција за да се излезе во пресрет на интересите на Египет.

За време на средбата во Истанбул на 23 октомври, египетскиот министер за надворешни работи Бадр Абделати ги повтори приговорите на Египет во однос на меморандумот меѓу Туркије и Либија. Фидан ги зеде предвид загриженостите на Каиро и повика на продолжување на консултациите.

На брифинг за новинарите на 28 октомври, Министерството за национална одбрана на Туркије повтори дека договор со Анкара би можел да му обезбеди на Египет повеќе од 15.000 км² дополнителна поморска јурисдикција во споредба со договорот што го има склучено со Грција. 

За Каиро, спротивставените предлози поставуваат фундаментално прашање: дали континуираното усогласување со Атина најдобро им служи на поморските интереси на Египет.

Ратификацијата од страна на Либија претставува пречка за стратегијата на Грција за оспорување на меморандумот преку политичките поделби во Либија. Атина продолжува да ја оспорува неговата легалност, но парламентарното одобрување ја зајакна дипломатската позиција на Анкара.

Без преговори што ги решаваат спротивставените поморски претензии, спорот ризикува да остане заглавен во дипломатски приговори, додека Туркије и Либија продолжуваат да ја унапредуваат својата позиција во Источниот Медитеран.

Извор: ТРТ Ворлд

Забелешка: Ставовите изразени во овој напис му припаѓаат на авторот и не ја одразуваат нужно уредувачката политика на ТРТ Балкан

Повеќе
Анвар: Нема индикации дека чипови од Малезија биле пренасочени кон Кина по фијаското со Енвидија
Шпанија одобри заштита на домувањето откако политичкиот застој предизвика предвремени избори
Извештај: Русија бара Финска да излезе од НАТО во разговорите во Абу Даби
Повеќе од 5.500 мртви од ебола во Конго во епидемијата што продолжува да се шири
Трамп му порача на Венс да го пренасочи фокусот од Иран кон корупцијата и криминалот во САД
Сиљановска-Давкова: Европа не треба да си дозволи да остане недоволно поврзана со Западен Балкан
ЦЕНТКОМ: Веста во израелските медиуми за продолжување на војната со Иран е чиста шпекулација
Зеленски се надева дека прекинот на огнот ќе биде тема на разговорите со Русија
Одборот за мир повика на итно спроведување на планот за Газа по израелскиот напад врз болница
Универзитетот во Торонто признава дискриминација против муслимани, Арапи и Палестинци
Иран тврди дека уништил американски радар за рано предупредување во Бахреин
Си ќе се обрати на самитот на АПЕК и ќе одржи билатерални состаноци во Шенжен следната недела
Студентската листа во Србија објавува план за БиХ, ги осудува израелските акции во Газа
Алиев и Пашинјан во Даблин разговараа за мировниот процес меѓу Азербејџан и Ерменија
Европските лидери повикуваат на обединет глас во мировните преговори за Украина