Владата останува на стратегијата за изградба на дата центри и се што се прави ќе биде јавно и транспарентно, изјави премиерот Христијан Мицкоски, при што додаде дека во моментов се преговара со 5-6 потенцијални инвеститори, од кои една е голема мултинационална компанија.
Премиерот додаде дека тоа што го слуша овие 2-3 дена се обидуваа како инженер да не го коментира бидејќи тоа што го коментираат некои претставува тотална невистина, незнаење и непознавање од страна на луѓе кои имаат политичка тежина.
„Замислете да не е вештачката интелигенција или податочните центрите како би изгледал денеска БДП да речеме на САД, зарем Нвидиа, Aмазон, СпејсX, OпенAИ, мултинационални глобални компании чиишто брендови тежат трилиони би постоеле денеска ако на било каков начин тие ги доведуваат квалитетот на граѓаните под знак прашање. Така што апсолутно остануваме на таа стратегија како влада, овие впрочем проекти се во таа насока да преку гас се изградат гасни централи кои ќе произведуваат електрична енергија која што подоцна ќе се користи во овие дата центри“, потенцираше Мицкоски.
Во однос на проектот во Пехчево, премиерот Мицкоски нагласи дека тоа е приватна иницијатива и тоа е предлог на нацрт урбанистички план, тука нема ништо државата, а кога државата ќе прави или учествува за изградба на таков објект јавно транспарентно ќе каже пред граѓаните.
„Ќе дојдеме овде и преговараме, јавно кажувам со најмалку 5-6 потенцијални инвеститори. Меѓу нив е и голема мултинационална компанија и нема да отстапиме од тој чекор ни милиметар“, истакна Мицкоски.
На крај, премиерот Мицкоски потенцираше дека овој процес е неповратен и дека светот ќе го развива и дали ние ќе го препознаеме, ќе се качиме на бродот и ќе ја развиеме Македонија во богата европска држава, бидејќи ова е моментот кога треба да се почне, затоа што ова е новата нафта.
„Ако сакаме ние да си ја развиеме земјата, ако сакаме да си ги вратиме младите однадвор тука, ова е патот според мене. Јас не велам дека ќе се случи преку ноќ, но ова е патот, да ги создадеме условите инфраструктурни, и да донесеме вакви инвеститори. Зарем сите овие милијардери чиишто брендови во бизнисот тежат трилиони, ќе го жртвуваат својот бизнис, репутацијата на бизнисот па и својот личен имиџ и репутација ако тоа што го работат е штетно за луѓето, не, нема да им растат акциите секој ден, туку ќе паѓаат“, изјави Мицкоски.



















