| Macedonian
РЕГИОН
4 мин читање
Новата училишна година почнува едносменски во 620 училишта,148 училишта остануваат празни
Оптимизирана е училишната мрежа и во голем број училишта условите се значително подобрени, обезбедени се учебници за сите, а за учениците со посебни образовни потреби, ангажирани се најмногу образовни асистенти досега, изјави министерката Јаневска
Новата училишна година почнува едносменски во 620 училишта,148 училишта остануваат празни
За поддршка на учениците со посебни образовни потреби ангажирани се 1.358 асистенти во основните и 166 во средните училишта, рече Јаневска

Новата учебна 2026/2027 година почнува утре за околу 238.000 основци и средношколци во Македонија, но со 148 празни училишни објекти, претежно во руралните средини, како последица на намалениот наталитет и иселувањето.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска на прес конференција им посака успех на сите ученици, наставници и стручни соработници.

Според неа, оптимизирана е училишната мрежа и во голем број училишта условите се значително подобрени, обезбедени се учебници за сите, а за учениците со посебни образовни потреби, ангажирани се најмногу образовни асистенти досега.

„Трета година по ред, учебниците се навремено набавени во тираж кој го побараа училиштата. Истите се испорачани и уште утре можат да им бидат поделени на учениците. Задоволство ми е што прашањето за учебници повеќе не е предизвик како во минатото. Годинава, набавени се 622 илјади учебници и остварени се заштеди од 50 милиони денари споредбено со годината пред да го преземам раководењето со оваа институција“, рече Јаневска.

Таа истакна дека целосно нови учебници во полн тираж се набавени за прво, втор и трето одделение, со оглед дека тоа се учебници во кои има и работни листови, како и за осмо одделение и за втор клас во гимназиско образование, каде ќе се учи по нови наставни програми.

Едносменска настава

Во 620 училишни објекти од вкупно 1023 во основното и средното образование ќе има едносменска настава.

Јаневска рече дека тоа е концепт за кој се залага Владата, затоа што обезбедува повеќе придобивки, а најважни се интересите на децата- поголема концентрација на часовите, поголема социјализација, задржување на училиште доволно за да се совлада целиот материјал и да се стекнат соодветни вештини.

„Ги поддржуваме општините да воведуваат едносменска настава во што повеќе училишта и во таа насока градиме објекти и доградуваме училници. Во моментов министерството и Владата ги прошируваат капацитетите на 14 училишта во Центар, Карпош, Аеродром, Ѓорче, Бутел, Илинден, Гази Баба и Градско, а уште 15 проекти ќе започнеме етапно во следните неколку месеци“, рече министерката.

Додаде дека завршени се реконструктивни активности во 20-ина училишни објекти и спортски сали. Се градат и четири нови сали кои многу скоро ќе бидат пуштени во употреба.

Во училишните клупи годинава ќе седнат 14.952 првачиња

За првпат во училишните клупи годинава ќе седнат 14.952 првачиња. Бројката е значително пониска од онаа пред една деценија, кога во 2016 година биле запишани 23.266 ученици во прво одделение.

Поради тоа што немаат запишано ученици, од септември времено се затворат 26 подрачни училишта. Вкупната бројка на празни училишни објекти во Македонија, претежно во руралните средини е 148. Негативниот тренд, поттикнува и реорганизација на училишната мрежа и работата на училиштата.

„Процес за кој се заложивме во изминатите неколку месеци е оптимизација на паралелките во постојните училишта, што значи спојување на помалите паралелки една со друга или приклучување кон поголемите, а во интерес на учениците – да бидат во поголемо друштво, да можат подобро да се социјализираат и да се натпреваруваат. Не е тајна дека со години опстојуваа, на пример 2 паралелки со по 2 ученика на иста возраст и во исто училиште. Сега таквите ги обединивме и затоа во образовниот систем ќе имаме 433 паралелки помалку годинава - 222 во основното образование и 211 во средното“, објасни министерката.

Од Министерството за образование и наука посочуваат дека конечната бројка за годинава може дополнително да се промени, бидејќи до крајот на септември трае запишувањето на децата кои не биле запишани во редовниот рок.

„За да им се олесни процесот на образование на учениците со посебни образовни потреби, ангажираме 1358 образовни асистенти во основното и 166 во средното образование. За учениците кои се на подолго болничко или домашно лекување, ќе потсетам дека е достапна можноста која законски ја уредивме минатата година - да се вклучат онлајн во наставата во класот или пак, наставникот индивидуално да работи со нив“, нагласи Јаневска.

Наставниците и сите други вработени во училиштата, во март 2027 ќе добијат ново покачување на платите помеѓу 7,5 и 10% во зависност од стапката на инфлација. Како што рече министерката, покачувањето е согласно договорот со СОНК од пред две години, а преку кој досега платите пораснаа за над 20%, додека околу 300 наставници и стручни соработници напредуваа во звања ментор и советник, што исто така подразбира зголемен личен приход. Јаневска им се заблагодари за посветеноста кон учениците и рече дека очекува партнерскиот однос да продолжи за да се создаваат сé подобри и подобри генерации.

Учебната година за најголемиот дел од учениците ќе трае до 10 јуни 2027 година, додека матурантите ќе ја завршат наставата на 17 мај.

Повеќе
Исланѓаните на референдум го отфрлија продолжувањето на преговорите за пристапување кон ЕУ
Трамп: САД ќе одговорат на иранските напади врз американските сили на Блискиот Исток
Фидан: Меѓународниот систем мора да се спротивстави на заканата од Нетанјаху
Трговијата на Туркије со туркиските држави се зголеми за 6,6% на 10,1 милијарди долари
Гаши: Ќе одат на гласање сите закони за кои е потребен Бадентер
Пезешкијан: Техеран „не бара војна“ по американскиот напад врз островот Ларак
Транспортерите со протест во Скопје, побараа од ЕУ итно решение за престојот во Шенген-зоната
Во Истанбул почна првиот состанок на Комитетот во рамки на Договорот од Мека за заедничка одбрана
Нови цени од полноќ: Дизелот поевтинува за 6,50 денари, бензините поскапуваат
Кремљ: Самит Путин-Трамп-Зеленски е можен само за финализирање на договорите за Украина
Иран: Ги нападнавме американските сили во воздухопловната база во ОАЕ
Трамп: Бизнисите се враќаат во САД од Канада за да избегнат царини
Поранешен израелски премиер: Израел меѓу американските стуенти се поврзува со геноцид
Американските сили нападнаа два ирански лансери за ракети
Челик реагираше на изјавите на Министерството за надворешни работи на Израел