Во разговорите со турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, дефиниравме оваа пролет да се одржи прв состанок, на кој тој ќе дојде во Скопје - истакна премиерот Христијан Мицкоски на седницата на македонското Собрание одговорајќи на пратеничко прашање од пратеникот Салих Мурат, а во врска со билатералните односи меѓу двете земји.
Премиерот Мицкоски потсети дека договорот за соработка со Туркије не беше потпишан долго време, а се потпиша со доаѓањето на оваа Влада.
„Во разговорите со претседателот на Турција (Туркије), Реџеп Таип Ердоган, дефиниравме оваа пролет да се одржи прв состанок, на кој тој ќе дојде во Скопје. Претпоставувам таа посета ќе се реализира, во моментот не можам да кажам точно кога и како, но знам дека Турција (Туркије) има исклучително одличен амбасадор во Скопје, димпломат од висок ков, со кого имаме одлична соработка и тој придонесе за уште поблиските односи меѓу двете земји. Убеден сум дека до оваа прва средба ќе дојде многу бргу и ќе ја имаме таа можност, но и чест, претседателот Реџеп Таип Ердоган да го пречекаме во Скопје“, истакна премиерот Мицкоски.
Со потпишувањето на договорот за проширување на билатералната соработка во овој период интензивирани се партнерства на повеќе полиња - посочи премиерот Мицкоски.
„Потпишавме договор за проширување на билатералната соработка со Турција (Туркије), нешто што претставува наша стратешка цел и во рамките на тоа партнерство контактите се засилени и повеќето од компаниите што доаѓаат кај нас или потенцијални инвеститори од Турција (Туркије) во Македонија веќе се прифатени од институциите и ги почнуваат своите инвестиции или се во фаза на почеток да ги реализираат. Договорот не беше потпишан долго време, а се потпиша до доаѓањето на оваа Влада и во рамките на договорот се интензивира соработката на полето на одбраната. Министерството за одбрана и Армијата со соодветните институции на владата на Турција (Туркије) соработуваат, непосредно вршиме набавка на одбранбени системи, истовремено обучуваме кадри и во таа смисла мислам дека со доаѓањето на оваа Влада во голема мера се интензивира билатералната соработка меѓу двете држави. За мене, главен интерес е малку да се коригира нивото на трговската размена бидејќи Република Турција (Туркије) има голем суфицит во размената со Македонија, односно многу повеќе извезува во Македонија отколку што Македонија извезува во Турција (Туркије). Убеден сум дека македонските производи може да бидат конкурентни на турскиот пазар, убеден сум дека како наш стратешки партнер Турција ќе овозможи слободен пристап на македонските компании на турскиот пазар и убеден сум дека некои од постојните бариери што сега постојат многу бргу ќе бидат неутрализирани, односно избришани, и македонските производители, особено во делот на земјоделството, фармацијата и другите гранки, ќе може да најдат свое место на турскиот пазар и на тој начин овој дебаланс во размената, каде што Турција (Туркије) има голем суфицит, ќе биде нивелиран“, нагласи премиерот Мицкоски.
На собраниската седница претседателот на македонската Влада, Мицкоски, потсети дека солидна соработка меѓу двете земји има и во рамките на туризмот, каде што голем број турски туристи доаѓаат во земјава, а соработка се остварува и во рамките на високото образование бидејќи голем број студенти од Турција (Туркије) се присутни на универзитетите во земјава.













