Обединетите нации соопштија дека во февруари, во споредба со претходниот месец, има намалување за 50 отсто на количините на хуманитарна помош што влегле во Појасот Газа, кој од 7 октомври е под интензивни напади на израелската војска.
Филип Лазарини, генералниот комесар на Агенцијата на ОН за палестински бегалци на Блискиот Исток (УНРВА), се огласи на платформата на социјални мрежи Х во врска со недостигот на храна во Газа.
Лазарини наведе дека за да се стави крај на кризата со храна во Газа, треба да се прогласи прекин на огнот и да се укине опсадата за да се достави помош во подрачјето.
Истакнувајќи дека „хуманитарната помош што влезе во Газа во февруари е намалена за 50 отсто во споредба со претходниот месец“, Лазарини рече: „За да се задоволат сѐ поголемите потреби на два милиони Палестинци во очајни животни услови, помошта требаше да се зголеми, а не да се намали.“
Во пишаната изјава не се дадени податоци колку хуманитарна помош влегла во Газа во текот на јануари и февруари.
Лазарини во вчерашното соопштение наведе дека од 23 јануари не биле во можност да достават помош на северот на Газа, чие население Израел насилно го остави гладно и жедно.
Поради опструкциите од страна на Израел, кому му се суди за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, во регионот не може да се достават доволни количини помош. Палестинците се борат од една страна со израелските напади, а од друга со гладот кој секој ден е сѐ поголем.
Палестинците кои бегаат од израелските напади се борат да преживеат во импровизирани шатори со ограничени ресурси и во тешки услови.
Се наведува дека Палестинците, кои во северниот дел на Газа не можат да најдат ниту леб, консумираат добиточна храна бидејќи не можат да најдат брашно.









