| Macedonian
СПОРТ
8 мин читање
Одземање бодови и титули или исфрлање од лигата: Што може да му се случи на Манчестер Сити?
Независна комисија утврди дека Манчестер Сити е виновен за сериозни прекршувања на финансиските правила во текот на девет сезони, вклучително и користење фиктивни комерцијални договори за вештачко зголемување на приходите
Одземање бодови и титули или исфрлање од лигата: Што може да му се случи на Манчестер Сити?
Oколу 830 милиони фунти од 950 милиони фунти приход од спонзорства, всушност биле обезбедени од сопствениците на клубот, а не од самите спонзори

Наодите за финансиски прекршоци против Манчестер Сити создадоа основа за случај што би можел да биде пресвртница, а кој може да ја промени иднината на клубот, како и начинот на кој англискиот фудбал врши надзор над своите најбогати клубови.

Заклучоците на Независната комисија опфаќаат период од девет сезони и отвораат можност за санкции кои би можеле да бидат многу посериозни од вообичаените финансиски казни.

Експертот за спортско право, Јан Зглински, изјави дека обемот на овој случај е нешто што досега не е видено, а можните последици се движат од драстично одземање бодови и барања за отштета, па сè до доведување во прашање на титулите освоени во периодот што е предмет на истрага.

„Навистина се надевам дека за неколку години овој случај ќе се смета за пресвртница, бидејќи станува збор за прекршување од невидени размери“, изјави за Агенцијата Анадолу Зглински, вонреден професор по право на Лондонската школа за економија и политички науки (ЛСE).

„Сето тоа беше системски, а финансискиот обем е нешто што досега не сме го виделе ниту во англискиот, ниту во светскиот фудбал“, додаде тој.

Премиер лигата кон крајот на септември објави дека независна комисија утврдила оти Сити е виновен за сериозни прекршувања на финансиските правила во текот на девет сезони, од 2009/10 до 2017/18 година. 

Ова уследи по обвиненијата поднесени против клубот во февруари 2023 година.

Комисијата утврди дека Сити користел „фиктивни“ договори со комерцијални партнери како дел од шеми со кои вештачки се зголемувале приходите, а пријавените трошоци се намалувале за повеќе од 900 милиони фунти (1,2 милијарди долари), со што пред ревизорите и фудбалските регулаторни тела се криела вистинската финансиска состојба на клубот.

Исто така, утврдено е дека Сити значително ги прекршил ограничувањата за трошење на Премиер лигата и УЕФА, како и дека не соработувал целосно во истрагата спроведена од лигата.

Премиер лигата на 2 октомври потврди дека Сити поднел жалба, при што клубот ги отфрла наодите на комисијата и тврди дека е невин. 

„Клубот не е виновен по обвиненијата изнесени од Премиер лигата, а постои и обемен сет на необориви докази кои ги поткрепуваат сите ставови на клубот во врска со овој случај“, се вели во соопштението на Сити.

Сè уште не се утврдени можните санкции.

Финансиски прекршоци и можна одбрана на „Сити“

Зглински изјави дека околу 830 милиони фунти од вкупно речиси 950 милиони фунти приход од спонзорства, евидентирани од Сити, всушност биле обезбедени од сопствениците на клубот, а не од самите спонзори, опишувајќи го обемот на ова како „прилично шокантен“.

Тој објасни дека спонзорите платиле само мал дел од износите заведени како приходи, додека остатокот го покриле сопствениците на клубот.

„И така доаѓаме до ситуација во која во деловните книги стои навистина голема сума пари што наводно влегле во клубот. Но во реалноста, многу мал дел од тоа е исплатен од самите спонзори. Најголемиот дел е покриен од сопствениците на клубот“, рече тој.

Зглински наведе дека разликата помеѓу средствата обезбедени од сопствениците на клубот и парите што потекнуваат од владата на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) нема да влијае на наодите на Премиер лигата во однос на приходите од спонзорства.

„Еден аспект каде што ова веројатно нема да биде од значење е фактот што финансиските правила на Премиер лигата јасно пропишуваат дека самиот клуб мора да ги остварува приходите од спонзорските права“, рече тој.

Сепак, Зглински додаде дека потеклото на парите би можело да стане релевантно во евентуални постапки во кои се вклучени поединци од раководството на Сити, особено во случаи кога се поставува прашањето за државен имунитет.

„Значи, потеклото на тие пари навистина ќе има одредени последици“, рече тој. „Сепак, тоа не би требало да влијае на наодите на Премиер лигата во врска со ова прашање.“

На прашањето како Сити би можел да ги оспори наодите, Зглински потсети на претходните правни постапки на клубот против УЕФА, сугерирајќи дека Сити повторно би можел да постави прашање дали доказите го исполнуваат бараниот стандард.

„Тогаш, основата на жалбата беше ставот на Манчестер Сити дека стандардите за докажување не се исполнети“, рече тој. 

„Беше наведено дека УЕФА немала соодветни информации за да оправда изрекување санкција. Сигурен сум дека и во овој случај ќе се обидат да го сторат истото.“

За разлика од претходниот случај на Сити пред УЕФА, кој стигна до Судот за спортска арбитража (ЦAС), постапката на Премиер лигата подлежи на посебен процес на жалба.

„Во овој случај, ќе следи жалба пред Комисијата за жалби на Премиер лигата“, изјави Зглински.

„Потоа, постои можност за дополнителен чекор пред Високиот суд овде во Англија, но тоа овозможува жалба само врз многу ограничени основи“, додаде тој.

Одземање бодови, испаѓање од лигата и одземање на титулата

Зглински предупреди дека Сити би можел да се соочи со значително одземање бодови, што евентуално би било проследено и со парична казна.

„Реално гледано, сметам дека, во најмала рака, станува збор за сериозно одземање бодови, можно е и во комбинација со парична казна“, рече тој.

Зглински истакна дека доволно големо одземање бодови би можело практично да доведе до испаѓање на Сити од лигата, додека посебна одлука за исклучувањео на клубот од Премиер лигата би создало практични потешкотии, бидејќи Англиската фудбалска лига (EФЛ) би морала да го прими во своите редови.

„EФЛ би морала да го прифати Манчестер Сити како дел од своите клубови“, рече тој.

Тој објасни дека примањето на Сити може да наложи испаѓање на некој друг клуб од EФЛ или привремено проширување на лигата- опција за која смета дека EФЛ не би била подготвена да размислува.

Претходните одземања на бодови, изречени за Евертон и Нотингем Форест, дадоа одредени насоки за тоа како Премиер лигата ги применува своите финансиски правила, но Зглински предупреди дека случајот со Сити вклучува прекршувања од многу поголем финансиски обем.

„Ова се, секако, на одреден начин вредни преседани, бидејќи покажуваат како се применува правилникот на Премиер лигата“, рече тој.

„Сепак, тие се однесуваат на прекршувања од сосема поинаков размер“, додаде тој.

Друго прашање е можноста на Сити да му бидат одземени титулите освоени во периодот опфатен со наодите.

„Постои силен аргумент дека Манчестер Сити не би требало во историските книги да ја задржи честа за освојување на Премиер лигата или ФА Купот во период кога систематски и значително ги прекршувал финансиските правила во оваа земја“, изјави Зглински.

Сепак, тој напомена дека доделувањето на тие титули на ривалските клубови би било многу посложено.

„Дали тоа значи дека другите клубови ќе бидат вратени на соодветните позиции- на пример, дали Ливерпул конечно ќе може да го крене тој трофеј- тоа, според мене, не е толку едноставно“, додаде тој.

Барања за отштета и пошироки правни последици

Покрај потенцијалните спортски санкции, Зглински истакна дека ривалските клубови, кои сметаат дека претрпеле финансиска или спортска штета, би можеле да поднесат барања за отштета против Манчестер Сити.

Тој го наведе спорот помеѓу Барнли и Евертон, во кој независна комисија на Премиер лигата во јуни му наложи на Евертон да му исплати на Барнли 26 милиони фунти (35 милиони долари) како отштета, плус 9,1 милион фунти камата, поради прекршување на финансиските правила поврзани со сезоната 2021/22.

Комисијата утврди дека прекршувањата на Евертон му обезбедиле на клубот спортска предност, што придонело за испаѓањето на Барнли таа сезона. Евертон поднесе жалба на одлуката за обештетување, тврдејќи дека таа е погрешна и од правен и од фактички аспект.

Сепак, Зглински предупреди дека невидените размери на случајот со Сити би можеле да го отежнат воспоставувањето на функционална рамка за обештетување.

„Поради невидените размери, всушност не знаеме како тоа практично ќе се спроведе“, рече тој.

Што се однесува до можните последици надвор од англискиот фудбал, Зглински смета дека е малку веројатно УЕФА да преземе дополнителни чекори. 

Тој потсети дека во 2020 година, Судот за спортска арбитража ја поништи одлуката за двегодишна суспензија на Сити од европските натпреварувања, при што беше утврдено дека за дел од наводите на УЕФА во таа постапка истекол рокот за поведување постапка.

„Пред сè, не би очекувал УЕФА сега да преземе некакви мерки“, рече тој.

Тој додаде дека ФИФА немала официјална улога во истрагата на Премиер лигата и во таа фаза не била во позиција да изрекува санкции.

Пресвртна точка за управувањето во фудбалот

Покрај потенцијалните санкции, Зглински упати критики за времетраењето на истрагата на Премиер лигата, истакнувајќи дека фудбалските органи треба побрзо да реагираат на финансиските прекршоци.

„Треба да се има предвид и тоа дека оваа истрага траеше навистина долго“, рече тој, осврнувајќи се на годините што поминале од раните успеси на Сити во периодот опфатен со прекршоците.

„Тоа е предолго и така не може да се продолжи понатаму“, додаде тој.

Зглински ја повика Премиер лигата да ги преиспита своите процедури за да спречи слични одложувања во идните случаи.

„Затоа, искрено се надевам дека Премиер лигата ќе се соочи со реалноста и ќе се обиде да најде начини системот да стане поефикасен“, рече тој.

„Бидејќи, никој- ниту клубовите, ниту навивачите- не сака за титулите и првенствата да се расправа во судница, цела деценија подоцна, наместо на теренот“, заклучи тој.

Извор: АА

Повеќе
Кинески шеф на дипломатијата првпат во Хрватска по 33 години
Куртулмуш: Mеѓународната заедница да дејствува против израелските прекршувања на меѓународнoто право
ОН предупредуваат на висок ризик од повторна војна во Газа и ескалација на окупираниот Западен Брег
Недостигот на одбранбени проектили на САД може да трае до 2030 г., предупредил разрешениот генерал
Руски напади со дронови оставија 370.000 луѓе без струја во украинскиот регион Волин
Сите осомничени за бомбашките напади во Рејханли во 2013 година сега се во притвор
Анушиќ предупредува на вооружување на Србија: Реториката на Белград е најголем фактор на нестабилност во Југоисточна Европа
Фон дер Лајен: Русија не го испочитува енергетскиот прекин на огнот, потребен е поголем притисок
Белгија годинава ќе ѝ испорача 10 борбени авиони Ф-16 на Украина
Фидан: Односите меѓу Туркије и Азербејџан се градат врз непоколебливо пријателство и братство
Бразил воведува пократка работна недела од 44 на 40 часови без намалување на платите
Пентагон ќе објави извештај за нападот врз училиштето во Иран по среднорочните избори
Путин: Русија одговара на украинските напади врз енергетски објекти
Израелски окупатори нападнаа берачи на маслинки и запалија три возила на Западниот Брег
По интервенција на Пленковиќ, од заклучоците на ЕУ за Црна Гора се тргнати временските рамки