| Macedonian
ПОЛИТИКА
8 мин читање
Зошто иранскиот верски режим преживува и покрај немирите?
Како и Советскиот Сојуз во 1980-те, Исламската Република во голема мера ги изгуби своите убедувања, само мал процент од членовите на режимот навистина веруваат во него, повеќето се мотивирани од богатството и привилегиите, сметаат аналитичарите
Зошто иранскиот верски режим преживува и покрај немирите?
Револуционерната гарда и паравоените сили Басиџ, кои заедно бројат близу еден милион, ја правaт промената на режимот исклучително тешка / AA
17 јануари 2026

И покрај националните протести во Иран и годините на надворешен притисок, сè уште нема знаци за раскол во рамките на безбедносната елита на Исламската Република што би можел да го собори еден од најотпорните режими во светот, анализира Ројтерс.

Притисок врз иранските верски лидери додава и американскиот претседател Доналд Трамп, кој постојано се заканува со воена акција поради бруталното задушување на протестите.

Но освен ако уличните немири и странскиот притисок не предизвикаат бегство на раководството, режимот веројатно ќе преживее, иако ослабен, изјавија за Ројтерс двајца дипломати, двајца владини извори од Блискиот Исток и двајца аналитичари.

Милион членови на Револуционерната гарда и паравоени сили

Слоевитата безбедносна архитектура на Иран, заснована на Револуционерната гарда и паравоените сили Басиџ, кои заедно бројат близу еден милион, ја прави промената на режимот исклучително тешка без внатрешни расколи, рече иранско-американскиот професор по политички науки Вали Наср, експерт за регионални конфликти и надворешна политика на САД.

„За тоа да функционира, мора да имате толпа на улиците многу подолг временски период. И мора да се случи колапс на државата. Делови од државата, особено безбедносните сили, мора да преминат на другата страна“, вели тој.

„Тоа се случи во револуцијата во 1979 година, кога еден пребеган офицер уапси генерали во армијата, полицијата и тајната полиција. Огромната иранска армија, со сите свои гранки, остана без командна структура и се распадна за еден ден“, вели во статија за „Ерусалим пост“ израелскиот бригаден генерал Јицак Сегев, кој бил сведок на револуцијата од прва рака како воен аташе и шеф на мисијата на израелското Министерство за одбрана во Иран.

Петто големо востание од 2009 година

Врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи (86), преживеа неколку претходни бранови немири. Ова е петтото големо востание од 2009 година, доказ за отпорноста и кохезијата на режимот дури и кога се соочува со длабока, нерешена внатрешна криза, вели Пол Салем од Институтот за Блискиот Исток.

За тоа да се промени, демонстрантите ќе треба да изградат доволно импулс за да ги надминат длабоко вкоренетите средства на државата: моќни институции, значителен број следбеници лојални на клерикалната власти географската и демографската големина на земјата од повеќе од 90 милиони луѓе, рече поранешниот американски дипломат и експерт за Иран, Алан Ејр.

Зомби режим  

Сепак, опстанокот не значи стабилност, забележуваат аналитичарите.

Исламската Република се соочува со еден од најтешките предизвици од 1979 година. Санкциите ја задушија економијата без јасен пат кон закрепнување. Стратешки под притисок од Израел и САД, нејзината нуклеарна програма е запрена, а регионалната „Оска на отпорот“ е ослабена од тешките загуби што ги претрпеа нејзините сојузници во Либан, Сирија и Појасот Газа.

Наср не верува дека Исламската Република ја достигнала својата точка на колапс, но верува дека сега е во големи тешкотии.

Аналитичарите истакнуваат дека иранскиот режим е идеолошки ослабен и дека национализмот расте во земјата. Националните интереси станале поважни за луѓето од шупливата идеологија и регионалниот авантуризам на режимот, и тие сакаат нормален живот.

Многумина го поддржуваат поранешниот престолонаследник Реза Пахлави, кој живее во егзил од 1979 година. Тој ги охрабрува и вели дека сака да му помогне на Иран да се трансформира во демократија, а можеби и да служи како уставен монарх ако народот го избере.

„Како и Советскиот Сојуз во 1980-те, Исламската Република во голема мера ги изгуби своите убедувања. Само мал процент од членовите на режимот навистина веруваат во него; повеќето се мотивирани од богатството и привилегиите“, напишаа американските политиколози Карим Саџадпур и Џек А. Голдстоун во статија за Атлантик насловена како „Дали иранскиот режим ќе падне?“.

Револуционерната гарда- воен комплекс за богатење

Иранскиот режим во последните децении ја трансформираше Револуционерната гарда во воено-индустриски комплекс од кој произлегуваат мрежи на богатство и моќ.

Сијамак Намази, иранско-американски бизнисмен кој беше држен како заложник од режимот осум години, ја спореди иранската држава со „група на сопернички мафии доминирани од Револуционерната гарда и нејзините поранешни членови чија лојалност не е кон нацијата, религијата или идеологијата, туку кон личното збогатување“.

„Ниту еден висок командант на Револуционерната гарда досега не пребегнал или дури ниту благо го критикувал ајатолахот Хамнеи, и покрај национални протести кои траат со години и целните израелски атентати на околу дваесетина високи функционери во нивните редови“, рекоа Саџадпур и Голдстоун.

За многу од овие команданти, губењето на власта би значело губење на богатството, а потенцијално и на нивните животи. Тие веројатно би биле последните што ќе се свртат против режимот. Ако го сторат тоа, режимот нема да преживее.

„Исламската Република денес е зомби режим. Нејзината легитимност, идеологија, економија и врвно раководство се мртви или умираат. Она што ја одржува жива е смртоносната сила. Најважниот елемент што сè уште недостасува за целосен распад на револицијата е моментот кога репресивните сили одлучуваат дека повеќе немаат никаква корист од режимот и затоа повеќе не сакаат да убиваат за него“, заклучија тие.

Реформатори и конзервативци

Иран е поделен на фракции познати како „реформисти“ и „конзервативци“, но Јицак Сегев нагласи дека ова не треба да се гледа како сериозна закана за опстанокот на режимот. Двете групи се борат за контрола на истата владејачка структура, уживајќи во нејзините придобивки и не нудат навистина различни алтернативни системи, објасни тој.

„Поделбата меѓу нив не може да биде катализатор за длабока промена на режимот. Ако се случи промена во Иран, таа ќе дојде одвнатре, водена од комбинација на јавен притисок, економски колапс, промена на лојалноста и организациските способности. Ова се клучни фактори што треба да се следат за да се разбере дали земјата е на работ на историска пресвртница“, верува Сегев.

Протестите започнаа на 28 декември минатата година поради падот на иранската валута и галопирачката инфлација, но брзо ескалираа во отворен бунт против теократскиот режим и врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи. Во рок од една недела, тие се проширија во сите ирански провинции. Политички, насилното задушување на протестите дополнително го еродираше она што остана од легитимитетот на режимот.

Американската група за човекови права ХРАНА во средата соопшти дека ја потврдила смртта на најмалку 2.571 лице – 2.403 демонстранти, 147 лица поврзани со владата, 12 лица под 18 години и девет лица кои не протестирале. Уапсени се повеќе од 10.000 луѓе. Иранските власти не објавија официјални бројки, а Ројтерс не можеше независно да ги потврди бројките.

Најмалку 3.428 демонстранти се убиени, според бројките објавени во средата од невладината организација за човекови права во Иран (ИХРНГО). Групата со седиште во Осло верува дека реалниот број на жртви може да биде значително поголем.

Трамп ги разгледува опциите

Она што го прави овој момент посебен и ги зголемува влоговите, велат аналитичарите, се експлицитните предупредувања на Трамп дека убивањето демонстранти би можело да предизвика интервенција на САД.

Трамп, исто така, се закани со царини за земјите што тргуваат со Иран. Ова првенствено се однесува на Кина, која е најголемиот трговски партнер на Иран. По неа следуваат Ирак, Обединетите Арапски Емирати и Туркије, како и Пакистан, Авганистан, Индија и Русија.

Техеран ги предупреди американските сојузници на Блискиот Исток, од Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати до Туркије, дека ќе нападне американски бази на нивна територија ако Вашингтон го нападне Иран, изјави во среда за Ројтерс висок ирански функционер.

Функционерот додаде дека директните контакти меѓу иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, и специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, се суспендирани.

Интересот на Трамп за протестите е веројатно тактички, а не идеолошки, рече Пол Салем. Целта може да биде доволно да се ослаби државата за да се извлечат отстапки како што се ограничувањата на нуклеарната програма. Белата куќа не одговори на барањето за коментар за целите на Трамп во Иран.

„Венецуелскиот модел“ добива на интензитет во некои кругови во Вашингтон и Ерусалим, изјавија еден дипломат и тројца аналитичари. Тој модел предвидува отстранување на врховниот лидер на Иран, а воедно испраќа сигнал до остатокот од државниот апарат дека може да остане на место сè додека соработува.

Во случајот со Иран, сепак, ова би наишло на огромни пречки - безбедносна држава воспоставувана со децении, длабока институционална кохезија и многу поголема и етнички посложена земја, забележува Ројтерс.

Хамнеи се притаи, длабоко под земја

Хамнеи, за кого долго време се вели дека е во лоша здравствена состојба, молчеше уште од 12-дневната војна кога Трамп го отфрли израелскиот план да го убие, според американските медиуми. Хамнеи е познат по тоа што живее скромно, а понекогаш и длабоко под земја.

Двајца регионални функционери и двајца аналитичари за Ројтерс изјавија дека странската воена акција би можела да го подели Иран по етнички и религиозни линии, особено во курдските и сунитските региони Белуџистан кои имаат историја на отпор.

Дејвид Маковски од Вашингтонскиот институт рече дека ако Трамп дејствува, очекува брза акција со силно влијание, а не долготрајна кампања, што е во согласност со преференциите на претседателот во неодамнешните конфликти.

„Тој бара еден гест што би донел промена, но што би бил тој?, прашува Маковски.

Опциите се движат од поморски притисок врз иранските испораки на нафта до целни воени или сајбер напади, но сите носат сериозни ризици. Други мерки што не би претставувале вистинска употреба на сила се исто така можни, велат сите извори, како што е враќање на пристапот до интернет преку Старлинк за да им се помогне на демонстрантите да комуницираат.

Белата куќа и Стејт департментот не одговорија на прашањата од Ројтерс за тоа какви мерки би можел Трамп да преземе, ако воопшто преземе.

„Трамп понекогаш користи закани за одложување на одлуките, понекогаш за одвраќање на противниците, а понекогаш за да сигнализира дека всушност се подготвува да интервенира. Но сè уште не знаеме која од опциите е во овој случај“, рече Маковски.

Извор: Ројтерс

Повеќе
Бахреин и Катар пресретнаа повеќе од 170 ирански ракети и десетици дронови за три дена
Судот го одби барањето на администрацијата на Трамп да го одложи враќањето на парите од царините
Нетанјаху: Нема да има бесконечна војна против Иран
Арагчи: Рубио призна дека САД почнале војна со Иран во име на Израел
Во Иран почна погребната поворка за 165 деца убиени во американско-израелскиот напад врз училиште
Пакистан: Американските маринци пукале во демонстрантите кои упаднале во конзулатот во Карачи
ЕУ го засилува енергетскиот и безбедносниот надзор поради тензиите на Блискиот Исток
Иран го затвори Ормускиот теснец и се закани со напади врз бродовите
Вашингтон ги повика Американците веднаш да го напуштат Блискиот Исток
Ирански дронови ја погодија амбасадата на САД во Ријад
Холандската партија Денк го обновува законот против дискриминација при вработување
Израел започна со големи воздушни напади врз Техеран и Бејрут
Двајца припадници на Департманот за војна на САД повредени во Бахреин
Челик: Нападот врз Иран е неправеден и спротивен на меѓународното право
Цените на гасот во Европа скокнаа за 48% поради нападите на Блискиот Исток