Европскиот совет денеска усвои заклучоци за Украина во кои, меѓу другото, се наведува дека шефовите на држави и влади на земјите од Европската Унија очекуваат исплатата на првата рата од заемот за поддршка на Киев до почетокот на април, а заклучоците беа поддржани од 25 членови, додека премиерите на Унгарија и Словачка, Виктор Орбан и Роберт Фицо, не го потпишаа документот.
„По одлуката од декември 2025 година да се обезбеди заем за поддршка од 90 милијарди евра за Украина за 2026 и 2027 година, Европскиот совет го поздравува одобрувањето на заемот и очекува првата исплата до почетокот на април“, се наведува во документот, соопшти прес-службата на Европскиот совет.
Во овој контекст, Европскиот совет, исто така, повикува на зголемен ангажман со трети земји со цел да се премости преостанатиот финансиски јаз од 30 милијарди евра за Украина.
Иднината на Украина и нејзините граѓани е во рамките на Европската Унија
Европскиот совет, исто така, ја нагласи важноста од продолжување на вложувањето напори во обезбедувањето воена поддршка на Украина и итно забрзување на производството и испораката на приоритетна опрема, вклучувајќи системи за воздушна одбрана, муниција, беспилотни летала и ракети, како и помош на Украина во заштитата на енергетиката и критичната инфраструктура.
Лидерите на земјите-членки на ЕУ се согласија дека целата воена поддршка, како и безбедносните гаранции за Украина, ќе бидат обезбедени со целосно почитување на безбедносните и одбранбените политики на поединечните земји-членки и земајќи ги предвид безбедносните и одбранбените интереси на сите земји-членки.
„Во петтата година од руската агресија врз Украина, Европскиот совет ја потврдува својата непоколеблива и цврста поддршка за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во рамките на нејзините меѓународно признати граници“, се наведува во текстот.
Исто така, се нагласува дека иднината на Украина и нејзините граѓани е „во рамките на Европската Унија“.
Во исто време, европските лидери ја повикаа Русија да се согласи на целосен, безусловен и итен прекин на огнот и да започне значајни преговори за праведен и траен мир.
„За мирот да биде праведен и траен, почитувањето на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина е камен-темелник. Границите не смеат да се менуваат со сила, агресорот не може да биде награден, а долгорочната безбедност и способноста на Украина да се брани мора да бидат гарантирани“, се наведува во документот.
Како што е наведено во заклучоците, Европскиот совет остро ја осуди Русија за нејзините „систематски и намерни напади врз цивилната и енергетската инфраструктура на Украина“, особено врз термоцентралите, и ја поздрави енергетската поддршка и помошта за цивилна заштита што ѝ ги обезбедија на Украина ЕУ и нејзините земји-членки, како и меѓународните партнери.
„Европскиот совет очекува брзо усвојување на 20. пакет санкции и ја повторува важноста од понатамошно намалување на руските приходи од енергија и понатамошни ограничувања на рускиот банкарски систем и ги разгледува напорите за одвраќање на активностите на руската флота во сенка“, рекоа европските лидери.
Меѓународна комисија за преглед на побарањата од Украина
Документот остро го осуди распоредувањето на вооружените сили на Северна Кореја во војната против Украина, како и континуираната воена поддршка што ја даваат, меѓу другите, Иран и Белорусија.
„Европскиот совет, исто така, ја потврдува посветеноста на ЕУ за обезбедување целосна одговорност за воените злосторства и другите тешки злосторства извршени за време на руската агресија врз Украина. Во овој контекст, Европскиот совет повикува на континуирани напори во рамките на Советот на Европа за започнување на работата на Специјалниот трибунал за злосторства од агресија против Украина и формирање на Меѓународната комисија за преглед на побарувањата од Украина“, се наведува во документот.
Европскиот совет повторно ќе се занимава со прашањето за усвојување на документот на следната седница, објави Советот на ЕУ.
Орбан го блокираше одобрувањето на заем од ЕУ за Украина од 90 милиони евра, како и 20. пакет антируски санкции, откако беше суспендирана испораката на руска нафта преку нафтоводот Дружба, за кој Киев тврди дека бил оштетен во рускинапад.
Протокот на руска нафта преку нафтоводот Дружба до Унгарија и Словачка е суспендиран од крајот на јануари, а и Словачка и Унгарија тврдат дека нафтоводот може да работи, но дека Украина нема да продолжи со испораките на нафта.











